Живееме во чудно време. Чудна атмосфера, чудни однесувања, чудни прогони и чудно владеење. Кога некој од страна на власта е ставен на „тапет”, тогаш што и да направи – греши и е напаѓан и критикуван и кога сите со свои очи гледаат дека не е така. Демонизирање по секоја цена, со сите инструменти и без мерка. Како во таква ситуација да им веруваме?

Деновиве актуелна тема во медиумите е поранешниот премиер Никола Груевски кој со својата фирма во Унгарија во првите 5-6 месеци од работењето заработил „огромни” 10 илјади евра. Приказната со исти наратив се пренесува од медиум в медиум, превземен од медиумите противници на унгарскиот премиер Виктор Орбана а блиски до Сорос во Унгарија. Чиниш Груевски заработил 10 милиони евра.

Колку месечно заработува еден келнер во кафуле во Будимпешта?! Статистиката вели дека имаат месечна плата од околу илјада евра за 40 часовно работно време. Заедно со прекувремените часови и бакшишот месечно заработуваат околу две илјади евра, што значи за пет месеци заработуваат чисти 10 илјади евра, плус платени даноци.

Но, не само во Будимпешта. Обична пиљара во Скопје заработува повеќе од 10 илјади евра годишно. Што е чудно ако фирма на поранешен долгогодишен премиер, министер за финасии, трговија итн, со толку многу познанства и контакти низ светот и со така големо искуство за 5-6 месеци заработил 10 илјади евра?

Свесна дека тоа навистина не се некои големи пари, обвинителката Вилма Русковска гостувајќи вчера на српската ТВ Хепи, ја исфилува информацијата, па наместо 10 кажа дека Груевски заработил 50 илјади евра. Овој податок е јавен и преку интернет може да се провери за многу кратко време. Но на нејзино изненадување водителот дури и за таа пет пати зголемена сума од реалната прокоментира дека ако е тоа годишна заработка, тогаш тоа не е ништо посебно и дека тој помислил дека дневно толку заработува Груевски.

Русковска кажа дека Груевски веќе регистрирал четири фирми, но во Унгарија тоа е јавен податок кој исто така може да се провери на интернет. Груевски има само една фирма, онаа за која веќе е објавена.

Која е причината обвинител да шири лажни вести. Која е причината јавен обвинител да зборува невиситни. Во земјите од западна Европа таквото однесување повлекува одговорност.  Која е причината обвинител по секоја цена да напаѓа некого за нешто што е сосема нормално, поранешен премиер регистрирал фирма и почнал нешто да работи.

Кога ќе слушнеме колку заработиле лани фирмите на Зоран Заев, Димитар Ковачевски, Љубчо Георгиевски, Кочо Анушев, Дамјан Манчевски итн. Дали Русковска уште еднаш докажа дека се води голема хајка против Груевски, кој избега од државата и побара азил во Унгарија.

Уште кога и јавен обвинител си дозволува да изнесува неточни информации, па и да “бистри политика” дека по 2008 година тогашната влада престанала да е заинтересирана за ЕУ и НАТО, а знаеме дека и ЕУ и НАТО и во 2009 година и во 2010, 2011, 2012, 2013 година има извештаи во кои самите кажуваа дека земјата со сите свои предности и слабости е подготвена за почнување на преговори со ЕУ, односно членство во НАТО и дека само проблемот со името е пречка, тогаш тоа не може да се протолкува никако поинаку освен пристрасно, некоректно, партиски мотивирано, едноставно – политичка хајка.

После вакви настапи вистинското прашање е од каде и оние 8% доверба во правосудниот систем?
И за крај едно прашање до Вилма Русковска. Ќе се извини ли јавно на граѓаните за јавно изнесените неточни информации споменати погоре?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.