Во јавното обвинителство во тек е интерен оглас за прераспределба и вработување обвинители во Одделението за борба против организираниот криминал и корупција.

Ова директно го потврди и шефицата на Одделението, Вилма Русковска, по завршувањето на првото рочиште за случајот „Рекет 2“, во кој како обвинети се наоѓаат пет лица, меѓу кои како првообвинет Бојан Јовановски-Бојан 13, и едно правно лице, односно поранешната негова невладина организација Меѓународен сојуз.

На интерниот конкурс можат да се јават сите, што ги исполнуваат условите, а кој ќе биде избран одлучува Советот на јавни обвинители – изјави Русковска.

Неспорен е фактот дека Одделението за гонење организиран криминал и корупција кубури со кадровската екипираност, но исто така неспорен е фактот дека многумина зад интерните оглас гледаат начин за конечно сместување на поранешните „Чарлиеви ангели“ или обвинителите од веќе и законски згаснатото СЈО, кои првично беа вратени во нивните матични обвинителства, што пак не беше пречка да продолжат да ги водат предметите на СЈО,анализира „Лидер“.

И токму од тука произлегуваат низа морални, етички, па и законски дилеми, што при изборот ќе го стават Советот на јавни обвинители на вистински тест, особено по стапувањето во сила на новиот Закон за јавно обвинителство.

Шефицата на Одделението за гонење организиран криминал и корупција при изрекувањето на првостепените пресуди за случајот „Рекет“ потврди дека против бившата шефица на СЈО, Катица Јанева, се води предистражна постапка за делените баснословни износи евра на обвинителите од нејзиниот тим. Што значи, дека не е само Јанева во прашање, туку и останатите нејзини колеги. За потсетување, Јанева вон платата си доделила 157.000 евра, на Стевчо Донев и Елена Јосифовска по 107.000, на Лиле Стефанова 93.000, на Бурим Рустеми 90.000, на Љубомир Лапе 87.000, на Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Гаврил Бубевски по 86.000 и на Ленче Ристевска 72.000 евра.

Истовремено со предистражната пистапка на Русковска, се чека и на извештајот за работата на СЈО, што го подготвува Државниот завод за ревизија. Какави ќе бидат резултатите се уште е неизвесно, но носење било каква одлука од страна на Советот на јавни обвинители без нив би претставувало непочитување на институциите на системот и еден вид политички реванш за „досега сработеното“.

Но, приказната не завршува тука. Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси против сите поранешни специјални обвинители, освен еден, поднесе прекршочни пријави за кршење на чл. 85 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Постапката беше покрената поради тоа што обвинителите и покрај тоа што примиле наодместок, кој го надминал износот од 20 просечни плати, не ги пријавиле дополнителните приходи и промената на имотната состојба, иако биле должни да го сторат тоа. Со други зборови, поранешните специјални обвин ители, освен еден, го прекршиле и не го почитувале основниот закон за борба против корупцијата.

Адвокатот Звбонко Давидовиќ за Лидер.мк вели дека ова можеби некому му се чини бесзначајно и ситно во време кога се случуваат афери од огромни размери со кои правниот систем не може да се справи, но токму таквото однесување на оние кои се должни да го гонат високиот криминал и корупција го покажува нивото на деградација на правниот систем и моралниот интегритет на носителите на високи правосудни функции.

-Ако обвинителите, кои се надлежни за гонење на корупција на високите функционери не ги почитуваат прописите на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, истите тешко да имаат морален и професионален интегритет за обавување на својата работа и да заслужуваат и уживаат доверба. Покрај ова, истите не можеле да не знаат за ваквата обврска, прво затоа што се должни да го познаваат овој Закон и да го применуваат во своето работење, а второ, затоа што еден обвинител од СЈО ја исполнил својата законска обврска и го пријавил надоместокот – истакнува Давидовиќ.

Според него, во Законот за јавно обвинителство се предвидува дека за обвинител, покрај општите услови, образованието и стажот, кандидатот мора да ги исполнува и условите од чл. 45, односно да има стручни и професионални квалитети и да ужива углед во вршењето на функцијата.

-Ваквото однесување и кршење на Законот за спречување корупција и судир на интереси од страна на обвинители не го покажува нивниот професионален однос и углед во вршењето на функцијата, а имајќи ги во предвид и случувањата, но и досегашните резултати на СЈО, не дава добри ниту доволно аргументи за избор на овие обвинители во Обвинителството за борба со организираниот криминал и корупција. Како ќе резонира Советот на јавни обвинители, кои го следеа досега низа контроверзни и чудни одлуки останува да покаже времето – вели Давидовиќ.

Случајот „Рекет“ во судницата изнесе на површина и многу други работи за однесувањето на поранешните специјални обвинители, што само можат да придонесат за одбивање на нивните молбик за прием во Обвинителството за борба со организиран криминал и корупција. На пример, нивниот молк при менувањето на името на државата и промената на Уставот или, пак, продавањето на стан на една од фирмите на Сашо Василевски, поранешен директор на МЕПСО, со оценка дека 80.000 евра не била голема сума!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.