Дали уцена за малверзации со градежно земјиште, за милионска загуба во државната каса се причините поради кои градоначалниците на СДСМ, Наташа Петровска од Битола и Стефан Богоев на Карпош вчера даваа исказ во обвинителство за случајот Рекет?

Битолската градоначалничка Наташа Петровска не открива што кажала во обвинителството за гонење организиран криминал. Таа одговорот го одбегна правдајќи се дека не сакала да и наштети на постапката.

Се одзвав на повикот, немам што друго да ви кажам, во интерес на процесот, изјави Петровска.

И од Обвинителството велат дека во оваа фаза на истрагата не може да изнесат детали за вчерашниот исказ на Петроска.

Ако се водиме од изјавата на премиерот Зоран Заев, дадена на пратенички прашања минатиот месец, тој кажа дека од битолската градоначалничка пред една година, било барано спротивно на законите да урбанизира земјиште и без да се платат комуналии да се гради старачки дом.

Се барало локација за старечки дом. Се барало урбанизација на одредена локација со соодветна пренамена која што апсолутно не е возможна оти пренамените одат со ГУП. ГУП, Битола нема намера да прави заради пренамена на такви локации… Го кажувам најтранспарентно и немам дилема во тој дел. Надлежноста е на Советот и апсолутно тука завршуваат сите муабети. Но си има истрага нека ги утврди…Сум кажал за кој сака нека се однесува законот мора да важи еднакво за сите, рече премиерот Заев.

Изјавата на премиерот беше по написот на новинарот Бранко Героски, кој на порталот Плусинфо ја објави рекетарската сага „Како Трајанка одбила да им даде општински пари на опасните рекетари Коки, Кики и компанија“.

За аферата Рекет обвинителството за гонење организиран криминал досега осомничи две лица Бојан Јовановски Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец. Во меѓувреме се чека исходот од вештачењето на мобилните телефони кои полицијата ги заплени од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Извештајот ќе биде клучен да даде одговор во какви релации била Јанева кога Боки 13 рекетирал бизнисмен за 1.5 милион евра како што тврди обвинителството.


Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.