Итна вонредна седница на Судскиот совет не подоцна од 10 јануари на која би се констатирал престанок на мандатот на судијата поротник во случајот „ТНТ“ бараат адвокатите на обвинетите. Доколку претседателот на Советот, Здравев не закаже седница, адвокатот Јовица Страшевски најави дека ќе поднесе кривични пријави до МВР и Јавното обвинителство.

Кривичниот суд не смее да го продолжи судењето за ТНТ со поротник чиј мандат е истечен. Дејствијата на претседателот на Судскиот совет Киро Здравев изгледаат како да се умислени со цел да го оправда незаконското постапување на претседателот на Основниот кривичен суд Скопје и со истите ги доведува членовите на Советот во состојба да сторат незаконско дејствие бидејќи е неспорен фактот дека Судскиот совет нема законски основ за донесување на било каква одлука, ниту по Законот за судови, ниту по Законот за судски совет во однос на престанок на функција судија-поротник на лицето Лилјана Ивановска Кочковска, бидејќи нејзниот мандат престанал со протокот на времето за кое што била избрана односно и истекол мандатот по сила на Закон само истото треба да се констатира, вели адвокатот Страшевски.

Претседателот на Советот Здравев за Сител само кратко рече дека седницата веќе е свикана, но таа ќе се одржи по ултимативниот рок на одбраната. Последната седница која се одржа на крајот на декември се одложи бидејќи немаше кворум.

Страшевски вели дека одбраната сака судење во разумен рок за да се дознае вистината за случајот.

Со пропуст во постапката не можеме да кажеме дека има судење во разумен рок бидејќи има процесен пропуст кој е спротивен на Законите во држвата и таа пресуда како таква не би можела да опстои. Предметот секако пред Апелација би требало по тој основ да се укине и повторно да се вратиме на она што сега ние го бараме, вели Страшевски.

Рочиштата за случајот „ТНТ“ ќе почнат на 13 јануари и до 27 јануари, следните две недели, ќе се одржуваат секој ден. Ако се појави на рочиштето на 13 јануари, поротничката Лилјана Кочкова – Ивановска ќе направи кривично дело за лажно претставување, за што казната е затвор од минимум 5 години.

Одбраната испрати писмо до претседателот на државата, Врховниот суд и амбасадорите на ЕУ, САД, Франција, Германија, со кое ги информираа за начинот на водење на предметот. Во него адвокатите пишуваат дека ефикасноста на постапката подразбира носење одлука на судечкиот совет кој е правилно составен и има мандат за донесување одлуки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.