Претседателите на Република Македонија и Република Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, се уште немаат донесено одлука за датум за заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј во Ватикан.

Годинешното чествување на 24 мај беше одложено поради пандемијата со Ковид-19 и остана двајцата претседатели дополнително да се договорат околу чествувањето до крајот на годинава.

-Кабинетите на двајцата претседатели се во постојана комуникација, како и со Ватикан околу одредување на датум за заедничко чествување, велат за Економски Лидер од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Но, развојот на настаните сега двајцата претседатели ги стави во незгодна ситуација, особено по резолуцијата донесена во бугарското Народно собрание со која се предлага 24 мај да биде прогласен за ден на бугарската писменост и на бугарската азбука. Зашто, станува нејасно што, всушност, двајцата ќе чествуваат?!

Ова дотолку повеќе што со ова, во извесна смисла, се нарушува и постигнатиот договор на Заедничката комисија за прашања од историјата и за учебниците околу препораката за заедникчко чествување на Св. Кирил и Методиј како сесловенски и христијански просветители.

Во Бугарија веќе се јавија отпори и спротивставување на ваквата политичка одлука со која фактички официјална Софија се откажува од глаголицата и од самите браќа Кирил и Методиј.

Оттука, за Пендаровски веројатно би било неприфатливо да заедно со бугарскиот колега да го чествува денот на бугарската писменост и на бугарската азбука, а за Радев да чествува нешто од што се откажала самата негова држава!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.