Серијата падови што СДСМ ги претрпе во кус период од преземањето на власта беше потврдена денес, со најновата анкета на М-Проспект, која покажа дека партијата на Заев веќе решавачки заостанува зад ВМРО-ДПМНЕ.

Во анкетата спроведена пред дебаклот на Заев во Берлин и Брисел, ВМРО-ДПМНЕ има водство од 2 проценти, односно 25 проценти наспроти 23 за СДСМ. Се работи за драматичен пресврт на односот на силите на политичката сцена во споредба со локалните избори во 2017 година, кога СДСМ доминантно освои над 400.000 гласови и безмалку сите општини во државата. Владејачката партија тргна удолу со референдумското изјаснување, кога се покажа дека не може ни приближно да го испорача тоа што се бараше од неа, за во пресрет на претседателските избори да почне да избегнува отворено соочување со ВМРО-ДПМНЕ и да пристапи кон прилепување на низа помали партии кон себе за да ја прикрие својата слабост.

Резултатот од само 322.000 гласови освоени во првиот круг на претседателските избори, година и пол од убедливата победа на локалните избори, ја растревожи СДСМ. Партијата загуби 100.000 гласови од есента 2017 до пролетта 2019, и тоа откако на своите гласови ги припои тие од ДУИ. Паничното ветување за метла на најкорумпираните владини функционери, полицискиот упад во ИВЗ, притисоците кон помалите етнички партии, и конечно кон албанската опозиција го одвлечкаа Пендаровски преку целната линија, но тоа само дополнително ја разоткри суштинската слабост на централната партија во коалицијата – СДСМ – која би требало да може самата да се натпреварува со ВМРО-ДПМНЕ, а не да бара поддршка од безмалку сите други партии во земјата.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ стои сама, со растечка поддршка кај Македонците, неопределените, во низа општини кои СДСМ убедливо ги доби во 2017 година, и по сите институционални и вонинституционални удари и притисоци кои беа насочени кон опозицијата. Падот на СДСМ и нивните коалициски приврзоци беше најавен во анкетата на ИПИС од средината на јуни, која исто така покажа дека ВМРО-ДПМНЕ има предност од скоро два проценти над СДСМ – 21.2 наспроти 19.5. Разликата во анкетата на М-проспект е уште поголема, а оваа анкета покажува заостанување и на албанскиот коалициски партнер на Заев – ДУИ, на кого во врат му дишат Алијансата на Албанците и БЕСА, две партии кои бараат одржување на предвремени избори.

Двете анкети покажуваат дека политиките на СДСМ се отфрлени од етничките Македонци. Во анкетата на ИПИС, ВМРО ја има поддршката на 27.8 проценти на Македонците, наспроти 22.6 проценти кои се за СДСМ, додека според М-проспект, дури 34 проценти од Македонците ја поддржуваат опозицијата, а само 26.6 проценти би гласале за кандидатите на Заев, кој мора да се потпира на албански гласови за донекаде да ја намали маргината на поразот од ВМРО.

Заев нема многу на што да се надева во блиската иднина. Приемот во НАТО, доколку се реализира пред следните избори, е веќе апсолвиран во јавноста, и му ги има донесено позитивните ефекти кои би можел да ги очекува, додека другата ветена награда која требаше природно да произлезе од менувањето на името – преговорите за влез во ЕУ – неочекувано се искомплицира и станува неизвесна. Формирањето на Пржинска Влада и напуштањето на премиерската функција се заканува да ги разработи поделбите во коалицијата на власт, кои беа видливи изминатите денови, додека со внесувањето на минимална доза на објективност во работата на истражните органи црно им се пишува на многу луѓе во најблиската околина на Заев. Соочен со можноста наскоро да го загуби главниот инструмент за менаџирање со политичките процеси и кризи, и за замолчување на опозицијата – Министерството за внатрешни работи – режимот на Заев денес реши повторно да посегне по пендрекот и да замавне по растечкиот број јавни личности кои отворено и слободно го критикуваат.

Прашање е дали новата рунда репресивни мерки и апсењето на критичарите на неговата Влада, може да го запре падот на СДСМ во анкетите. Јавноста веќе е добро запознаена со ова лице на партијата на власт, и ги има слушнато сите нејзини приказни за наводното гонење на криминалот во опозицијата. Граѓаните видоа како овој наратив се користи за да се протурка менувањето на името на Република Македонија, и свесни се за заднината на шарените лаги кои им се сервираа од 2015 година. Тие се почесто го прашуваат Заев каде е ветената метла на неговите функционери за чија корупција се изнагледавме во изминатите години, каде се ветените работни места, инфраструктурни проекти и платата од 500 евра? Од каде доаѓаат новите најави за блокада на Македонија, и покрај срамното откажување од македонската историја, херои од минатото, националната самобитност и сувереноста на државата? Каде се подобрените меѓуетнички односи кои Заев ги ветуваше со неговиот концепт за „едно општество“, чија јасно цел е да се заоструваат тензиите за да се надополни се поголемиот кусок на гласови што Заев и Пендаровски го имаат кај македонските гласачи.

Ниту една партија во повоена Европа не се соочила со ваков степен на систематски прогон, апсења, монтирани судски процеси, со неколку институции посветени исклучиво на нејзиното уништување, а сепак да успее да биде и повеќе од достоен противник на изборите. Ниту една европска држава нема толкав број на политички затвореници, пратеници со одземен имунитет и под кривични истраги, уапсени па пуштани непосредно пред гласање откако под притисок ќе се согласат да ги предадат своите гласачи. Ниту една европска држава не поминува низ процесите низ кои минува Македонија, а притоа се уште да се нарекува демократска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.