Набљудувачката мисија на ОДИХР денеска ќе ги презентира своите наоди по вториот круг од Локалните избори 2021 во Македонија.

На прес-конференцијата ќе се обрати Тана де Зулуета, шефица на Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите и Штефан Краузе, заменик-шеф на Мисијата.

Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР, во вториот круг ја сочинуваа 23 набљудувачи од 13 земји.

Со прелиминарна оценка Мисијата на ОДИХР излезе и ден по првиот круг од изборите одржани на 17 октовмри, во која се наведува дека Локалните избори беа со натпреварувачки дух, со почитување на основните слободи, но оти се потребни суштински реформи во однос на изборното законодавство. Мисијата нотираше меѓу другото и чести проблеми со уредите за биометриска идентификација на гласачите на самиот ден на изборите што по првпат беше воведена на овие избори. Иако ваквиот чекор беше генерално поздравен од повеќето политички партии како мерка за спречување на измама, според ОДИХР, на временската рамка за нејзина имплементација на национално ниво недостасуваше пилот проект или сеопфатно тестирање.

Цел на мониторингот е оценување до кој степен изборите се одржуваат во согласност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство.

Набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава ја започна својата работа на 7 септември со тим од 16 експерти и 165 набљудувачи од 29 земји

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.