Колку чинеле загубените 45 животи на македонските државјани, кои загинаа во трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ на четириесетина километри јужно од Софија на патот кон Благоевград? Дали разликата од околу 50,035 центи по литар дизел се покажала фатална за овие луѓе е можеби најгрозоморното прашање што може да се постави, но треба и мора да добие пдговор, анализира Пресинг ТВ.

Од досега познатите податоци, јасно е дека аранжманот до Истанбул чинел 80 или 90 евра, во зависност од изборот на турстите дали сакале да бидат сместени во хотел со четири или со пет ѕвездички.

Еден автобус, без двајцата професионални возачи, возел во просек по 50 патници. Или, четирите автобуси вкупно превезувале околу 200 патници. Ако се земе просек од 80 евра за аранжман, излегува дека четирите полни автобуси на „Беса турс“ и носеле 16.000 евра. Се разбира, ова не е чиста добивка, зашто од сумата треба да се извадат трошоците за гориво, амортизација, дневници на возачите и други работи.

Но, посебно внимание предизвикува фактот дека според првичните информации, што секако треба да ги потврди и официјалната истрага, во „автобусот-факел“ биле превезувани канистри со дизел гориво. Клучно е прашањето дали возачот канистрите ги превезувал за себе или за потребите на агенцијата? А, на тоа прашање одговор може да се добие од возачите на другите три автобуси од конвојот, кои може да се проверат дали и тие го правеле истото, пишува порталот.

Според обичните математики што ги прават бугарските медиуми има разлика во цената на дизел горивото во Турција и во Бугарија и Македонија. Поради инфлацијата и слабата лира, литар дизел во Турција чини 1,33 лева или некаде околу 65-66 центи, додека во Бугарија и Македонија чини 2,40 лева или околу 1,20 евра. Што значи дека дизелот во Турција е речиси двојно поевтин, отколку во Бугарија и Македонија.

Оваа разлика во цената ги прави патувањата до Истанбул речиси до 40% поевтини ако поголемиот дел од горивото се набави во Турција. Токму таа разлика од 1,07 лева или околу 50,035 центи по литар се покажала фатална за изгубените 45 животи на македонските државјани, се заклучува во текстот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.