Навистина сум зачудена од претпоставките за некакви реформи во концептот на студиите на Филолошкиот факултет. Досега сме немале никаков официјален писмен предлог, па дури ни некои неофицијални разговори и иницијативи. Не верувам дека и во иднина ќе има промени во начинот на студии на Филолошкиот факултет, особено нема да има такви промени, што би ја загрозиле важноста на студиите по македонски јазик.

Ова завчера за весникот „Нова Македонија“ го изјави деканката на Филолошкиот факултет, Анета Дучевска, во текст посветен за најавите за промена на програмскиот концепт на студиите со кои се предвидува нивна поделба на две гранки-лингвистика и литература.

Ваквата изјава на деканката Дучевска во најмала рака делува шокантно и наметнува дузина прашања и дилеми,  прашува „Пресинг ТВ“.

Прво, дали се сеќава и знае што претставува документот со архивски број 02-555/3 од 9 април 2020 година, што е архивиран во архивата на Факултетот, што го води? Второ, дали по ваквата нејзина изјава ќе го антидатира истиот тој документ? Трето, дали лично таа го пишувала или некој друг го сторил тоа  во нејзино име? Четврто, дали лично таа е потпишана на тој документ и дали лично го поднела до архивата? Петто, дали истиот документ ќе биде објавен во Универзитетскиот весник, што е и законска обврска, или, пак, таму ќе биде објавено нешто сосема друго, што ќе го доведе целосно во прашање и нејзиниот избор за декан во вториот мандат? И шесто, дали на конкурс за избор на декан се поднесуваат официјални или неофицијални програми за неговата работа во претстојниот мандат?

Целата сторија ја почна професорката Јасна Котеска, која најавите за промени во студиите на Филолошки факултет на твитер ги именува како „тивок државен удар“, што веднаш беше демантирано од министерката за образование и наука, Мила Царовска, и прогласено за лажна вест.

Само ден, два подоцна, проф. Котеска реакцијата на министерката ја оцени како нарушување на автономијата на УКИМ, а доказите за своите тврдења ги понуди за проверка пред редакцијата на Вистиномер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.