Пациент од инфективното одделение на штипската болница, ковид-центар за истокот, пред камерите на „Клан телевизија“ ја расажува голготата низ која поминува додека со дијабет се лекува од ковид-19.

Во болницата во Штип е хоспитализиран 61 ковид-пациент, но тие и нивните семејства алармираат за состојбата во која се наоѓа.

Стана секојдневие да има недостаток од кислородни боци во ковид-центарот во Штип. Сведочат за ова пациенти, блиски на пациенти кои веќе се починати, вработени и луѓе кои помагаат во овој ковид центар, ако може воопшто да се нарече така, зашто се работи во импровизирани услови. Го повикувам Обвинителството да истражи што се случува во Штип, предупреди и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ од овој крај Иван Јорданов.

Директорот на Клиничката болница Штип д-р Ален Георгијев, пак, на почетокот на ноевмри кажа дека не може да купуваат кислород и лекови за болните од ковид-19 поради локалните избори.

Повеќе набавки ни се проблем, но во овој период најмногу медицинскиот кислород. Затоа ги интензивираме постапките за набавка на боци за кислородна поддршка, медицински помагала и разни заштитни средства. Антикорупциска комисија како регуларни ги признава само набавките со годишните програми кои не се косат со Изборниот законик и Законот за јавни набавки, но на почетокот на годината кога се донесуваа годишните планови кој можел да предвиди дека ќе се случи и пандемија и предвремени избори за градоначалник, рече тогаш Георгиев и додаде дека барале начини преку Бирото за јавни набавки да ги обезбедат по кој било законски основ само да не трпат пациентите.

Од Министерството за здравство, пак, денеска соопштија дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.