Алијанса на Албанците пост-изборно би коалицирала само со партија од македонскиот блок која што ќе ја прифати програмата на партијата, порача во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на „Алсат“, лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.

Ние ќе одиме во коалиција со тој политички субјект кој ја прифаќа Програмата на Алијанса за Албанците и комотни позиции немам намера да му создадам на ниту еден политички субјект во македонскиот политички блок. Дали сум јасен?!, прашува Села.

Села вели дека ако ВМРО-ДПМНЕ излезе со ставови дека со двотретинско мнозинство ќе го промени Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Законот за јазици согласно со препораките на Венецијанската комисија, тогаш ќе им одговори вака:

Да не ни помисли некој да дојде кај мене и да бара од мене да се измени Законот за јазици. Ние сме одговориле во некои случаи. Законот за јазици само може да се унапреди, а не може да има враќање назад, вели Села, додавајќи дека Мицкоски ќе наиде на затворена врата ако понуди вакви ставови.

Села додаде дека се свесни дека нема да го добијат мандатот, но и дека не мора да значи дека по секоја цена ќе коалицираат со победникот на изборите.

Ние се разликуваме од другите албански партии досега кои трчаа по тој што добива мандат за формирање Влада. Ние немаме намера да трчаме по тој што ќе ги добие изборите….да завршам…ние да, ќе ги добиеме изборите кај Албанците и знаете кај ќе трчаме, да ја активираме заедничката тркалезна маса на албанските парламентарни политички партии за да изградиме став за да ја направиме спроводлива политичката програма и да ја запреме апатијата која почна на почетокот кај албанските граѓани во Македонија, вели Села.

Одговарајќи на прашање, Села кажа дека со премиерот во заминување Заев досега имал една или две средби за референдумот и за уставните измени, а со Мицкоски никогаш немал остварено средба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.