Од вакцинацијата против Ковид-19 се очекува најголемата заштита против корона вирусот. Таа не штити стопроцентно, но спречува тешка клиничка слика, како и смртни последици. Македонските граѓани се вакцинираат, но не само на вакциналните пунктиви во земјава, туку во се поголем број и во соседна Србија. Зголеменито број на имунизирани и прележани дава голема надеж дека конечно ќе стивне состојбата со епидемијата и животот полека ќе се врати во нормала.

Директорката на Клиниката за Инфективни болести и фибрилни состојби Милена Стевановиќ синоќа изрази надеж дека ќе имаме мирно лето, но нагласи дека да бидеме претпазливи.

Таа потенцира дека вакцинацијата е секогаш главниот спас од која било инфекција.

Ние денеска сведочиме во ова време на комплетно искоренување на на одредени болести, така и за Ковид-19. Вакцинацијата е таа од која очекуваме најмногу – изјави Стевановиќ.

Таа потсети дека ниту една вакцина не може да покрие стопроцентна заштита од одредена инфекција и равој на болест, но она што може да го направи е да го заштити човекот од исклучително тешки клинички слики и најнепосакувани исходи од болеста, смртните исходи.

Околу вакцинацијата на лицата кои прележале Ковид-19, таа посочи дека независно од прележаната болест, како и од клиничката слика во текот на болеста, вакцинацијата мора да се случи.

Вакцинацијата мора да се случи независно од прележаната болест како и независно од тежината на прележаната болест. Колкаво ќе биде времето до вакцинација? Колегите во медицинските научни истражувања велат дека треба комплетно да бидат повлечени сите клинички симптоми од болеста, тоа е најмалку еден месец по заздравувањето. Секако дека овие пациенти ќе имаат имунитет најмалку шест месеци. Ние ги гледаме најкратките возможни рокови, повторно со предострожност да ги заштитиме пациентите – изјави д-р Стевановиќ во вечерашното гостување на вестите на Сител ТВ.

Во изминативе денови покрај намалениот број на новозаболени од Ковид-19, се бележи и се помал број на хоспитализирани и починати лица. Стевановиќ, околу работата на Инфективната клиника рече дека тие не запираат, оти таму се уште се лекуваат ковид-пациенти.

Ние не сме застанати, во тек се темелни чистења на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, дезинфекции на целокупниот простор, на целокупниот медицински мебел, опрема со која располагаме, затоа и апелирам секој еден од нас да не застане со заштитата од Ковид-19 и да се придржува на она што е препорака за заштита од него – порача Стевановиќ.

Oткако на македонските граѓани им е овозможена имунизарција без претходна пријава преку српската владина е-управа, пред главниот пункт за вакцинација на Здравствениот дом во Спортската сала во Врање, се формираат редици од голем број граѓани на Македонија кои пристигаат во Врање за вакцината против вирусот Ковид-19.

Од Здравствениот центар во Врање соопштија дека заради зголемениот број на луѓе зајакнати се сите пропишани епидемиолошки мерки, „пред се мерките за заштита и дезинфекција, како и дезинфекција на просторот“.

Последните неколку дена, стотици Македонци се вакцинирани во Врање.

Според последните податоци во земјава, активни се 451 случај на заболен од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега беа заразени 155.441 лица, оздравеа 149.528 пациенти, а починаа е 5.462 лица.

Досега во земјата се направени вкупно 818.746 тестирања на Ковид-19.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Вкупно се аплицирани 399.962 дози вакцини, а ревакцинирани се 150.775 граѓани.

Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 443.374 граѓани.

Со последните бројки барем една доза од вакцината имаат примено 48 проценти од населението над 70 години, 42 отсто од населението над 65 години и 35 проценти од населението над 60 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.