Министерот за здравство Венко Филипче најави дека се разгледува можноста и за набавка на кинески вакцини, на производителите „Синовак“ и „Синофарм“, иако во меѓувреме, државата не се откажува од фајзеровите вакцини кои треба да се обезбедат преку ковакс механизмот. За кинеските вакцини се размислува по доцнењето на испораката на вакцините на „Фајзер“.

Професорот од Медицинскиот факултет Никола Пановски, вели дека вакцината од „Синофарм“ е класична вакцина произведена од мртов вирус, не е направена со нова технологија. Тој посочува дека детали околу самите вакцини кои со сигурност може да се потврдат ќе се знаат за две-три години.

„Некој лани да ми речеше дека би требало да се вакцинирам со вакцина од Истокот, веројатно ќе беше навреда, а сега излегува дека тоа е добра опција, вели Пановски додавајќи дека во однос на вакцините можеме да се потпреме и на истокот и земјите како Индија и Кина кои се гиганти.

Пановски смета дека на квалитетот на вакцината треба да се гледа како за некој друг бренд.

Производите им се рамни на западните, се надевам дека и вакцините се такви, квалитетни. Според ова што го гледаме како се справува западот, не треба источните опции да се отфрлаат. Ако дојде кинеската вакцина утре, јас прв ќе се вакцинирам, вели Пановски.

извор: Мета

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.