Новиот портпарол на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ зборувајќи за високата смртност од ковид-19 во Македонија денеска изјави дека имало манипулација со бројките на починати и дека новиот состав на Комисијата ќе ги преразгледа сите досегашни извештаи.

Оваа изјава предизвика бура во јавноста. Д-р Мехмедовиќ не прецизираше на каква манипулација со бројки мислел. Поради тоа, тој се огласи на Фејсбук.

Во денешното гостување на Утрински брифинг на прашањето за високата смртност во нашата земја од ковид одговорив:” Има статистики кои се водени од претходната комисија за заразни болести кои сериозно ќе ги разгледаме, затоа што да имаше манипулација со бројките, но апсолутните бројки укажуваат на тоа дека сме на 6 или 7 место по смртност”
Би сакал да појаснам, пред се поради големиот интерес на новинарите што точно значи „манипулацијата” со бројките. Не се работи за манипулација на бројките од страна на претходната комисија за заразни болести, туку за начинот на кој се интерпретираат бројките во јавноста. Долго време се разговараше на темата дека во ковид евиденцијата се водат и починатите од друга болест или несреќен случај кај кои е посмртно докажан присуство на коронавирусот, а тоа може да биде и причина за големата смртност, и тоа е нешто за што ќе се отвори дискусија на КЗБ.
Комисијата за заразни болести водела точна евиденција согласно препораките на СЗО за смртноста и не станува збор за манипулации на тие бројки, туку за манипулациите и дезинформациите во јавноста поврзани со смртноста за која основната причина е ковид. Зборот манипулација беше погрешно употребен и требаше да биде дообјаснет, на Комисијата за заразни болести и се извинувам за недоразбирањето, напиша д-р Мехмедовиќ на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.