Британскиот сој за неколку месеци ќе стане доминантен во Македонија, како што што станува и во многу земји во Европа, изјави денеска д-р Горан Кунгуловски, биоинженер од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина на Клиниката „Жан Митрев“, каде за првпат е утврдено постоењето на овој сој на коронавирусот во земјава.

Вирусите постојано мутираат. Досега се детектирани илјадници мутации на коронавирусот, некои го ослабнуваат а некои ги менуваат особеностите на вирусот. Овој вирус еволуира многу побавно за разлика од сезонскиот грип. Не знаеме, но најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина за него, рече Кунгуловски.

Тој објасни дека според податоците на британските научници, новиот сој се шири за 70 отсто побрзо од стариот, и ако требало да се заразат 10, ќе се заразат 17 луѓе.

Иако некои податоци велат дека британскиот сој ја зголемува смртноста за 30%, Кунгуловски вели дека за тоа да стане факт треба подетални студии и дека не треба да се крева паника.

Да бидеме претпазливи, да поимаме дека британскиот сој циркулира кај нас. Најверојатно ќе станува сѐ подоминантен и подоминантен. Да бидеме во постојан мониторинг и во постојана фаза на претпазливост, порачува Кунгуловски.

По препорка од СЗО барем 5 отсто од сите позитивни изолати треба да се секвенционираат за да се утврди мутацијата. Резултатите од секвенционирањето се добиваат за 5-7 дена.

На прашањето за тоа како се заразал првиот пациент во земјава со британскиот сој на вирусот, д-р Кунгуловски вели дека епидемиолозите ќе утврдат дали вирусот циркулирал недела, две-три претходно и дали пациентот имал контакт со некој кој патувал во странство.

Пациентот бил со средна слика, оздравен е, без никакви проблеми сега-засега. Потребни се стотици или илјадници податоци за да се направи споредба меѓу симптомите на стариот и новиот сој, додава Кунгуловски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.