Треба активно да се подготвуваме учениците од следната учебна година да се вратат во училишните клупи, размислувањата се во тој правец, вели заменик-министерот за здравство Илир Хасани. По официјалната изјава на компанијата дека вакцината „Фајзер“ може да ја примаат и млади помеѓу 12 и 18 години, тој вели дека стручните лица анализираат и официјално ќе ја известат јавноста дали оваа пракса ќе се спроведе и кај нас.

Ние преземавме големи чекори во однос на вакцинацијата на наставниците и сите вработени во училиштата, и се стремиме сите да бидат комплетно имунизирани. Би требало активно да се спремаме, од септември да има настава со физичко присуство. Откако излезе информацијата дека со вакцината од производителот „Фајзер“ може да се вакцинираат и младите на возраст од 12 до 18 години, ние правиме анализа па ќе излеземе со официјални информации. Јас како родител и доктор сметам дека нема штета, но тоа треба да се донесе како официјална одлука на Министерството за здравство, изјави заменик-министерот за здравство Илир Хасани за Сител телевизија.

Хасани предупредува дека и покрај намалувањето на бројот на заразени, експертите мора будно да ја следат епидемиолошката состојба посебно поради фактот дека постојано се појавуваат нови соеви на корона вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.