Македонија ќе ја добие онаа вакцина против ковид-19, која прва ќе биде регистрирана и одобрена преку Ковакс механизмот, а реално е да се очекува тоа да се случи во првите месеци по Нова година, вели проф. д-р Александра Грозданова од Фармацевтскиот факултет при УКИМ, која е претседател на Комитетот за имунизација. Ќе бидат добиени 800 илјади вакцини, по две дози за 400 илјади граѓани.

Договорот со Ковакс механизмот кој го потпиша нашата држава предвидува вкупна количина од 800 илјади вакцини, односно по две дози од вакцината за вкупно 400 илјади луѓе.

„Со првите 20 проценти од вакцините се предвидува имунизација најпрво на ризичните групи како што се здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Потоа секако се планира набавка на дополнителни количини на вакцини и за останата популација”, вели во изјавата за МИА д-р Грозданова.

Компанијата „Фајзер” веќе поднесе апликација за т.н итна постапка за одобрување на вакцината во Управата за храна и лекови (ФДА) во САД, а оваа процедура се очекува дека да ја користат и производителите „Модерна” и „АстраЗенека” за регистрација во Европската медицинска агенција. Како што вели д-р Грозданова, најавите се дека веќе во декември можно е да биде одобрена првата вакцина за ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.