КОЛАПС. Предлагајќи да се формира Влада за национален спас, Заев конечно призна дека македонската држава е пред целосен колапс. Меѓутоа, уште сега ќе треба да објасни неколку работи, пишува професорот Љубомир Цуцуловски.

(1) Во кои делови од државата и општеството националната безбедност е загрозена или се работи за целосна, тотална загрозеност? (2) Од кого и од што е загрозена македонската држава? Дали се тоа надворешни фактори, внатрешни фактори или нивна комбинација? (3) Кој и зошто дозволил Македонија да биде национално загрозена? (4) Дали виновникот/виновниците од власта, кои довеле до националниот колапс, ќе бидат поименично наведени и дали ќе бидат изведени пред судот на правдата, праведноста и човечноста? Во спротивно, сѐ може да се сведе на уште еден блеф, за да се спаси кожичката на виновниците, а нивните привилегии и понатаму да продолжат. (5) Дали мисли на формирање на техничка или политичка влада, бидејќи одговорноста за идните грешки не е иста кај техничката и политичката влада. (6) Како мисли да ја изврши департизацијата? Со исфрлање на своите луѓе, кои го подржуваа/подржуваат или тоа е само декларативен став? Во секој случај, се признава дека е извршена бескрупулозна партизација на македонското општество и држава. (7) Кој доведе/дозволи да се изврши целосна партизација на општеството и државата и на кој начин ќе одговора за неа? (8) Дали и понатаму Уставот ќе биде третиран како полесно менлива/минлива категорија од Правилникот на некој куќет совет, со кој се регулираат редот и мирот во зградата/државата или ќе се менува како кому ќе текне – како на Бујар Османи, на пример. (9) Пред некој ден Владата доби подршка од Собранието.

Во тој случај, зошто една регуларна влада (влада со доверба од Собранието!) се самооткажува од власта или сѐ беше, како и досега, само лакрдија низ која се распродаде/распродава сѐ што е национално вредно? Постојат уште многу прашања на кои ќе треба, меѓутоа и ќе мора, да се одговори. Сепак, тоа нека остане за некоја друга пригода. Засега и овие прашања/дилеми се доволни. Како опозицијата ќе одговори на предлогот ќе се види наскоро. Но маските, во секој случај, почнаа (сами од себе/од сопствената тежина) да паѓаат. Меѓутоа, тоа не значи дека Република Македонија прекинала да биде во бездна и преминала во провалија. Ќе треба уште долго веме да се излезе од бездната и да се влезе во провалија, која колку и да е длабока, сепак има дно/крај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.