СДСМ најостро ја демантира веста објавена за, како што велат, наводно „финансирање на кампањата на СДСМ со црни пари од Унгарија“, сторија објавена во „Вечер“, а пренесена и на „Република“.

Ви го пренесуваме нивниот демант:

Таквите објавени информации се целосни невистини со кои се дезинформира јавноста. Како и на сите претходни избори, СДСМ сите плаќања ги врши строго од наменска сметка за кампањата, согласно законите и процедурите, за што постојат факти кои се лесно проверливи. После завршување на изборниот процес, во законскиот рок ќе биде објавен целосниот финансиски извештај.

Сумите наведени во лажната вест се целосно неточни и десетици пати повисоки од реалните. СДСМ води дигитална кампања преку социјалните мрежи со што ги прилагодува јавните комуникации на новонастанатите услови предизвикани од КОВИД пандемијата. За своите дигитални комуникации, СДСМ има ангажирано професионалци и консултанти.

Бидејќи станува збор за целосно лажна, тенденциозна и манипиулативна вест со која граѓаните се ставаат во заблуда и се врши штета врз угледот на нашата политичка партија, согласно законските прописи бараме итно повлекување на објавениот текст, објава на овој демант во целост и објава на извинување до СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.