ВМРО-ДПМНЕ и денеска излезе на улица. Во Кочани незадоволните граѓани го поддржаа протестот предводен од опозицијата, на кој се искажува незадоволството од политиката што ја води актуелната власт. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, христијан Мицкоски се обрати пред присудтните граѓани, зборувајќи за реалните проблеми на жителите од овој крај.
-Има ли некакво белило што и се случува на Македонија и на граѓаните? Саде темнина е околу нас и црнила. Затоа јас за тоа зборувам, велам црнила, само црнила нас ни се случуваат. Зарем не е црна маката на земјоделците, на оризопроизводителите од Кочани и кочанско, родот да им остане ненабран, непродаден? Зарем тоа се ветувањата од декември 2016 година и есента 2017 година? Ветуваа загарантиран откуп, пласман за вашите производи. Истата судбина ја имаат и оние кои произведуваат сливи и оние кои произведоа јаболка, оние кои произведоа пченица. И сите оние кои се бават со земјоделство. Од ветувањата за загарантираниот откуп од снимките на оној малечок министер кој од авион не се симнал и на кој основна задача му е да ги брка од работа луѓето кои ќе кажат некој збор против неговиот ментор Зоран Заев. Наместо да се симне во нивите, наместо да дојде меѓу вас земјоделците, да не излезе од калливите чизми и да најде начин како да му помогне на Македонецот, на човекот кој што се мачи да скрпи крај со крај на чесен и едноставен начин, порача Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека смета дека судбината и на младите луѓе и на пензионерите е црна.
-Зарем не е црна судбината на оние луѓе кои што кога ќе ја завршат дипломската работа со тага во очите ми велат дека за еден месец ќе заминат, дека не можат работа да најдат и покрај тоа што ветуваа младинска гаранција. Ветуваа парите ќе ги вратат, не само што не ги вратија парите, туку нивните паричници станаа подебели и потешки, па не можат веќе сако да облечат, па мора некој со куфери да им ги разнесува. Нема шанса за младите. Зарем не е црн животот на пензионерите? Ветуваа поголеми пензии, ветуваа подобри услови. Не само што не ги зголемија, туку истите ги намалија, рече тој.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ говореше за поразителните податоци во бизнисот, рекетот кој го прават луѓе од власта, паѓањето на економијата на домашните фирми, па заклучи дека црнила има и во бизнис сектор.
Поради сето ова, Мицкоски јасно порача дека со оваа Влада, нема иднина во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.