Оливер Спасовски очајно се обидува низ некаква премиерска ‘величина’ која му ја додели Заев да ги скрие хаосот и безредието кои ги остави зад себе, реагира техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев откако сегашниот технички премиер и негов претходник, Оливер Спасовски денеска индиректно порача дека дека очекува сите недоразбирања меѓу двата министри да се надминат и низ дијалог да се спречат спорните прашања.

Денеска изјавува дека најмалку било важно кој какви службени автомобили користел, а во првите неколку часови кога самиот беше именуван за технички министер до после полноќ спроведуваше потери по службените возила на МВР. Истото се повтори и последниот ден кога како министер намерно ги распредели возилата од Кабинетот на МВР по други институции и организациски единици. Важно е каде се возилата господине Спасовски бидејќи изминативе 3 години блиските на вашите подредени се возеа во полициски автомобили, се кријат оштетени автомобили, инспектори беа во друштво на криминогени и сомнителни лица, а сега сакате со нив да осигурате повторување на истите работи од минатите изборни циклуси. Наместо да се користат за заштита на државната граница, дел од нив секојдневно од страна на советниците во МВР се на релација од Куманово до Скопје и назад. Сосема на крај, за кој систем на кариера сте се залагале кога омилена алатка за распоредување и унапредување ви биле наредбите? Очигледно за Вас правилата не значат ништо. За граѓаните клучно е да знаат дали функционерите прават злоупотреби, или ќе продолжиме да ги слушаме истите демагогии како до сега, напиша Чулев на Фејсбук.


Од друга страна пак Спасовски денеска на прес конференција рече дека не е важно за граѓаните кој какви возила вози, туку институциите да бидат функционални и да нема сериозни закани по безбедноста.

Треба да се внимава во МВР, бидејќи не смее да имаме сериозни закани по безбедноста или тоа да го предизвикаат одредени постапаки кои ќе бидат превземени, па да дојдеме до некоја нестабилна ситуација. Ако се создаде хаос, тоа е од лични интереси. Очекувам недоразбирањата ќе бидат надминати. Недоволното познавање и упатување за тоа се се и носи како одлука доведува до една ваква ситуација. Не треба да ги замараме граѓаните кои какви возила има, туку напротив, тие треба да седнат, разговараат и да ги решат прашањата. Мислам дека тоа е последен приоритет на секој граѓанин. За нас е поважно да се одржи безбедноста. Сметам дека задачата која ја добил директорот на БЈБ, да ги согледа сите тие состојби кои настанаа по издадена телеграма со која се укинаа сите наредби, што пак, сметам дека не е најисправниот модел, ќе се заврши уште денес во МВР. Не е истото обезбедување кое било додека бев министер за внатрешни работи, тоа е зголемено според уредбите, но се луѓе кои јас сум ги избрал до мене“, посочи Спасовски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.