Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денес пред просториите на Јавното обвинителство одржа прес конференција на која информираше за последните случувања поврзани со попречување на работењето на техничката влада од страна на техничкиот премиер при што постојат основани сомневања за сторено кривично дело фалсификување на службена исправа и злоупотреба на службената положба и овластување.

На седницата на Владата што се одржа во саботата на 15-ти февруари, последна на гласање беше ставена точката за поништување на пет решенија донесени од моја страна за распоредување на вработени во МВР. Со мнозинство гласови Владата во десет минути пред полноќ го усвои предлогот да се поништат ПЕТ решенија, за што постои записник/стенограм. Нејасно е како оваа одлука експресно во координација со дел од службата во Владата и со одобрување од Оливер Спасовски е објавена во Службен весник Бр.41 од 15.02.2020 година, каде покрај ПЕТТЕ решенија чие поништување беше изгласано, се најдоа дополнителни 124 решенија за распоредување и 1 наредба за извршување на работа и работни задачи. Овие решенија воопшто не биле предмет на разгледување на членовите на Владата, ниту е донесена одлука за нивно поништување – истакна Чулев.

Тој го повика обвинителството да дејствува.

Имајќи предвид дека ситуацијата налага итно преземање на дејствија со цел да се спречи бришење, уништување или прикривање на докази, го повикувам ОЈО веднаш да преземе дејствија за обезбедување на доказите и да спроведе истрага, во спротивно ќе биде директно одговорно за неказнетото фалсификување на одлуката на Влада. Сакам да ја искористам оваа прилика и да упатам апел до вработените во Владата кои со одобрување на Оливер Спасовски веќе го прекршиле законот, да се воздржат од дополнителни дејствија со кои ќе се обидат да ги уништат или менуваат доказите и ќе влијаат на понатамошно откривање на кривичните дела – рече Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.