Безбедносната состојба на територијата што ја покрива СВР-Струмица е поволна, истакна техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев по посетата на граничниот премин Богородица, ОВР Гевгелија и на СВР-Струмица.

– Разговаравме за интензивирање на активностите на СВР-Струмица во насока на спроведување и мерките и одлуката на Владата поврзани со спречување на ширењето на Ковид-19 и беше дадена насока да се интензивираат контролите за носење на заштитни маски, со оглед дека носењето на заштитната лична опрема е поврзано со олабување на идните мерки на Владата. Во таа насока ќе бидат засилени и централните контроли на секторите за внатрешни работи со цел интензивирање на полициските контроли во насока на носење на заштитна лична опрема, рече Чулев.

Тој додаде дека во однос на криминалитетот со олабавување на мерките за заштита од Ковид-19 во цел регион на Југоисточна Европа ќе придонесе за интензивирање на илегалната миграција при што повторно ќе бидат активирани криумчарските рути, посебно преку планината Беласица, во насока од кампот Муриес во Грција кон нашата држава.

– Со појавата на Ковид-19 имаме драстично намалување на бројот на илегални мигранти, но гледаме раздвижување кај криумчарите на мигранти во овој период, при што има појава на илегална миграција во железнички вагони на граничниот премин Богородица, а во југоисточниот дел на државата очекуваме раздвижување преку планината Беласица што се должи на убавото време сега, информираше техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Тој бил информиран дека СВР-Струмица покажува добри резултати во откривањето на имотните деликти, а во делот на борбата против наркотици зголемено е присуството на кокаин. Послаби резултати биле забележани во економскиот криминал заради недоволната екипираност на СВР-Струмица

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.