И денес продолжуваме со објавување докази за милионски тендер преку кој се испцрпуваат средства од буџетот на Министерството за внатрешни работи за набавка на храна за компанијата „Индустри Сервис“. Компанија блиска до Оливер Спасовски, кој пак наместо да обезбеди соодветно услови за работа на полициските службеници, спроведува сомнителни тендери фаворизирајќи една компанија, истакна на денешната прес-конференција Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за процес за спроведување на јавна набавка, спроведен на чуден и крајно сомнителен начин. Имено, Индустри сервис, понудила производи од производители кои ги нема на пазарот ниту по грамажа, ниту по асортиман. Наместо фотографии и примероци од производители, Индустри сервис доставувале изјави од производители дека можат да произведат производи кои ги немаат во нивната палета на производи на пазарот. Но притоа нема доказ дали истите ќе бидат доставени во фаза на реализација на набавката, согласно потребите на договорниот орган или за истите ќе се користи замена, односно истите производи кои ги доставиле фирмите конкуренти, и за што биле исклучени во евалуација.

Комисијата на Министерството за внатрешни работи, уште во првата фаза на одлучување покажала пристрасност кон Индустри сервис. Економските оператори, конкуренти на Индустри сервис биле исклучувани поради неусогласеност во делот на личните податоци за вработените при разните потврди, како дипломи, уверенија и лични документи, односно истите биле отфрлани на овој начин. За ова Државната комисија утврдила пропусти и враќала кај МВР на повторно постапување, поради неправилна евалуација. Но пристрасноста не завршила тука – рече Чулев.

Имено во конечното решение Индустри сервис не е правилно избрана.

Индустри сервис има неправилно пополнета техничка спецификација, каде наведуваат увозници, наместо производители, и ова им било укажано во жалбите кои се поднесени од останатите понудувачи.

Ваквиот начин на спроведување на јавната набавка отвора сомнеж дека во текот на целата постапка од страна МВР и на Оливер Спасовски се фаворизира компанијата Индустри сервис, а на целиот процес уште поголема дамка фрла фактот што самиот Оливер Спасовски бил на камен темелник на фабриката на Индустри сервис, каде е фотографиран со сопственикот на истата.

Се поставува прашањето, дали блискоста со Спасовски помогнала Индустри сервис да биде добитник на двата тендери од над 13 милиони евра? Дали останатите економски оператори се шиканирани во постапката заради блискоста на министерот за внатрешни работи со сопственикот наИндустри сервис?

Почитувани, индициите и сомневањата изнесени на досегашните прес конференции отвораат и простор за надлежните институции да постапат и да утврдат кршење на законите кои се направени од страна на комисијата и одговорните лица во МВР – посочи Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.