Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска имаше работна средба со раководствата на репрезентативниот Македонскиот полициски синдикат и Независниот синдикат на полицијата.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, Чулев истакна дека е свесен за огромниот број на поплаки на полициските службеници за претходно спроведената систематизација, и дека ќе се воведе механизам за заштита од повреда на правата на вработените преку зголемен надзор и проверка на издадените решенија. Во таа насока, Чулев ги информирал дека донел одлука за стопирање на решенијата кои сè уште не се врачени.

(фото: МВР)

На средбата било договорено претставниците на синдикатите да испратат писмена информација за нивниот став во однос на последните распределувања кои предизвикаа реакции во јавноста.

На преден план е професионалноста и квалитетот во вршењето на работните задачи и министерот ја даде апсолутната поддршка на полициските службеници кои ја извршуваат својата работа согласно пропишаните правила, се наведува во соопштението.

На средбата, како што се посочува, се разговарало за тековните состојби во МВР, а пред се целта сите полициски службеници професионално да придонесат претстојните избори да поминат во најдобар ред односно да се обезбеди фер и демократски изборен процес. Беше потенцирано дека какво било непочитување на законите соодветно ќе биде санкционирано.

Чулев и претставниците на синдикатите се договориле да биде формирана комисија за ревизија на сите правни акти издадени во последниот период во МВР, со учество на синдикатот, која треба да утврди дали се направени неправилности и да подготви соодветен извештај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.