Чулев ќе побара мислење од ДИК за назначувањето на Ставревски во СВР-Скопје

Македонија 12.01.2020 / 23:31

Mинистерoт за внатрешни работи Наќе Чулев смета дека проблематизирањето на изборот на Ристе Ставревски за началник на СВР-Скопје е од политички причини и го изразува стравот на критичарите од професионално вршење на активностите.

Чулев за МИА изјави дека ќе поднесе барање за мислење до Државната изборна комисија (ДИК).

 Ставрески не е осудуван, ниту против него има постапка или каква било истрага. Напротив, тој е лице кое поседува сертификат „државна тајна“ за информации од доверлив карактер, издаден во периодот кога Спасовски беше министер за внатрешни работи. Не гледам никаква пречка да биде началник на СВР – Скопје. Поради можноста различно да се толкуваат законските прописи, планирам да се обратам до ДИК која ќе треба да одлучи и да се изјасни за натамошно нормално функционирање на позицијата на лицето за кое станува збор – изјави Чулев.

Министерот потенцира дека е најважено да се функционира професионално и согласно законските норми, а сé друго претставува политизирање и израз на страв од соочување со професионалци.

На прашањето во врска со неговата одлука да се вратат возила во МВР, меѓу кои и едно од тие што ги користи претседателот на државата Стево Пендаровски, министерот одговори дека постапувањето согласно законите, процедурите и прописите е начинот на кој работи актуленото раководство на МВР.

 Водењето сметка за инвентарот и опремата на МВР не е „спорна одлука“, туку само еден дел од тоа постапување. Без да сакаме да навлеземе во дневно-политички интриги, креирани од партиските кујни на СДСМ, најостро ги демантираме објавените наводи и невистини и апелираме до медиумите и новинарите да ги почитуваат принципите на етичко известување. За волја на вистината, од десетици возила за кои е утврдено несоодветно користење, само едно е вратено, а останатите се користат надвор од правилата и процедурите на МВР – подвлекува Чулев.

Тој нагласува и дека безбедноста не е загрозена на ниту еден носител на јавна функција, особено не на премиерот и на шефот на државата.

Како човек со повеќе од 20 години искуство во областа на безбедноста, во никој случај не би дозволил да се загрози безбедноста на премиерот и претседателот. Инаку, бројот на возила кај претседателот на државата и кај премиерот сега е многу поголем, рече Чулев.

Додаде и дека последните неколку дена пред да стапи на функцијата, сите возила од Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски биле распределени во други институции и оранизициски единици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.