Денес на територијата на целата држава се одржуваат предвремени парламентарни избори. Утрово во скопското основно училиште „Браќа Миладиновци“ гласаше техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

До овој момент, согласно информациите со кои располагам, изборите поминуваат мирно и без посериозни проблеми. Денешните избори треба да бидат празник на демократијата и доказ за функционирање на уставно – правниот систем на државата. Очекувам изборниот ден да помине во мирна, фер и демократска атсмофера, изјави Чулев.

Тој апелираше до граѓаните да излезат и да го остварат своето право и до сите чинители во општеството да се воздржат од активности со кои би можело да се наруши изборниот процес.

Министерството за внатрешни работи ја гарантира безбедноста на целиот изборен процес и бескомпромисно ќе постапува секаде каде што ќе бидат детектирани обиди за попречување на граѓанското право за слободно изразување на политичката волја, рече Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.