Не треба да се испраќаат никакви разузнувачки служби, стоиме на располагање да одговориме на сите прашања, кажа денеска премиерот Зоран Заев откако бугарскиот претседател Румен Радев вчера одржа средба со шефовите на безбедносните служби за да се заштитат правата на бугарските граѓани од дијаспората. Според кабинетот на Радев, овој состанок е одржан бидејќи биле зачестени појави на нарушувања на нивните права само поради тоа што се самоопределуваат како етнички Бугари.

Премиерот Заев денеска при посетата на градинка во Општина Шуто Оризари, одговарајќи на новинарско прашање рече дека на никого во земјава не му се нарушени правата ниту на граѓаните кои се декларираат како Бугари.

Иако во Уставот немаме етничка припадност Бугари, на пописот секој може да се одредели бидејќи прашањето ќе гласи на која етничка заедница ѝ припаѓате. Ние сме мултиетничка заедница, ги почитуваме правата на сите заедници во земјава, дури и на оние најмалите. Испраќам силна порака до соседна Бугарија да бидеме внимателни, затоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор на секоја нивна загриженост. Да не потпаѓаме под било какви провокации. Ние сме земји членки на НАТО, не ни треба испраќање на разузнувачки служба да ги утврдат правата на граѓаните. Правата на граѓаните се светост. Јас се надевам дека тоа било информативен состанок оти недозволиво е мешање на една држава во друга држава, тоа е предвидено и со Договорот за добрососедство – рече Заев.

Радев минатата недела ја повика бугарската влада да преземе мерки против дискриминацијата на етничките Бугари во Македонија и побара од бугарските институции да ги олеснат процедурите за добивање бугарско државјанство за, како што кажа, нивните сонародници од Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.