В.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов денеска информираше дека во секој момент се очекува од Србија да пристигнат четири хеликоптери на скопскиот аеродром, кои ќе бидат употребени за гаснење на пожарите во попладневните часови. Исто така, потврден одговор за помош при гаснење на пожарите има и од Словенија и Грција.

Од Србија очекуваме во секој момент да стигнат четири хеликоптери на скопскиот аеродром. Истите ќе бидат употребени за гаснење во попладневните часови. Ние не можеме отсега да планираме каде ќе ги употребиме. Треба да видиме што ќе се случи во наредните два, три часа, бидејќи пожарите се непредвидливи, посочи Ангелов на прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Тој доаде дека неколку силни пожари се веќе ставени под контрола, неколку се локализирани. Но, бројот на пилотите е ограничен.

Во текот на вчерашниот ден на рапсолагање беше само еден хеликоптер. Во текот на ноќта вториот беше сервисиран на лице место. Вработените се изложуваат на надчовечки напори да го оспособат и вториот хеликоптер за да може безбедно да лета, додаде Ангелов.

Како што информира, денеска во раните утрински часови, полетаа два хеликоптера кои што го гаснеа пожарот во Кочани. Директорот на ЦУК појасни дека кога температурата се качува, и кога доаѓа до замор, мора да се прави пауза, а со падот на температурите, повторно ќе се интервенира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.