Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Македонија.

Клучно за развојот на една заедница е правото на квалитетно и функционално образование на мајчин јазик. Државата не смее да прави компромиси и импровизации кога станува збор за ова суштинско прашање кое е толку важно за зачувување на културата и традицијата на помалубројните етнички заедници. И покрај предизвиците во реализацијата на ова право, Северна Македонија е горда што етничките заедници веќе подолго време можат да го користат правото на настава на свој мајчин јазик. Верувам дека секој човек од секоја заедница е подеднакво важен за оваа држава која е заеднички дом за сите нас, вели Пендаровски во честитката.

Секој човек и секоја заедница, вклучително и турската, е дел од нашиот богат мозаик, додава Пендаровски и потенцира дека Турците од Македонија со своите автентични локални традиции и со својата богата литература и уметност го збогатуваат културниот и општествениот живот на нашата заедничка држава.

Во ова светло, 21 декември – Денот на наставата на турски јазик е еден од оние празници што не потсетуваат за нашето огромно јазично и културно богатство, но и на нашата одговорност истото соодветно да го чуваме, унапредуваме и промовираме за оваа и за идните генерации. Ние немаме друга алтернатива освен градење на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет, пишува претседателот Пендаровски во честитката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.