Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Македонија по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

Создавањето на азбуката и кодифицирањето на еден јазик е еден од најзначајните чекори на самоидентификација на еден народ. 22 Ноември е значаен ден за албанскиот народ, но и за цела Македонија, бидејќи на овој датум во 1908 година, албанските интелектуалци на конгресот во Битола донесоа одлука за унифицирање на албанската азбука. Со ова практично се поттикна политичкото, културното и образовното издигнување на Албанците, се вели во честитката на Пендаровски.

Шефот на државата натаму наведува дека прославувајќи го овој празник, ние како современо, мултиетничко и мултикултурно општество, ги потврдуваме нашите заложби за градење на едно општество за сите и подобра и посветла иднина за секој наш граѓанин.

Почитувањето и вреднувањето на меѓусебните разлики е она што нè зближува, обединува и нè прави единствени во справувањето со предизвиците. Затоа, во оваа прилика, сакам на албанската етничка заедница да ѝ го честитам Денот на азбуката, а на сите граѓани да им порачам дека вистинскиот пат на градење на европска држава се почитта, соработката и заедништвото. Нека ни е честит 22 Ноември – Денот на албанската азбука, се истакнува во честитката на претседателот Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.