Министрите за надворешни работи на Чешка, Полска, Словачка и Унгарија во отворено писмо објавено во Политико бараат ЕУ да даде датум за почеток на преговорите со  Македонија и Албанија.

Позитивната одлука ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ ги препознава конкретните резултати во исполнувањето на поставените услови, констатираат министрите од четирите европски држави.

Одлуката на Европската унија дали да започне преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија доаѓа во време кога се соочува со бројни предизвици.

Сепак, прашањата како што се Брегзит, миграцијата, новата Европска комисија не смеат да нè оддалечуваат од она што ЕУ успеа да го постигне на западниот Балкан – и што сè уште можеме да го постигнеме ако останеме посветени на обврските што ги имаме за овој регион.

Пред дваесет години, конечно завршија катастрофалните и крвави војни по распадот на поранешна Југославија. Значајни делови од регионот лежат во урнатини. Новите држави од западен Балкан и нивните општества беа уништени и им беше потребна рака за да се извлечат од калта во која беа потонати.

ЕУ, која е самата резултат на мировен проект, сфати дека за да се стабилизира овој дел од Европа, требаше да се мотивираат владите на земјите од западен Балкан да ги обноват, реформираат и демократизираат своите држави и општества. Регионот исто така требаше да се обедини околу заедничката цел што ќе ја поттикне соработката и ќе го олесни помирувањето. Затоа, мудрата одлука да се вети можноста за членство во ЕУ на сите земји од западниот Балкан беше донесена на Самитот во Солун во 2003 година – само неколку месеци откако беа потпишани спогодбите за пристап со 10 нови земји-членки на ЕУ во Атина.

Оваа историска посветеност, повторена на самитот ЕУ-западен Балкан во Софија во мај 2018 година, ја потврди решеноста на ЕУ да шири стабилност, безбедност, демократија и просперитет на целиот континент и да обезбеди заедничка европска иднина.

Вклучувањето на Западен Балкан во Унијата е политички, економски и безбедносен интерес на ЕУ.

Денес, 16 години по Солун, со задоволство можеме да забележиме дека проширувањето се покажа како една од најуспешните политики на ЕУ. Напредокот постигнат од земјите од Западен Балкан е импресивен. Тие ги трансформираа своите економии, правосудство, јавна администрација и безбедносни апарати.

Сепак, не смееме да заборавиме дека овој напредок не би бил можен без јасна перспектива за членство во ЕУ. Целта за влез во ЕУ служи како моќен мотиватор за владите и граѓаните на земјите од Западен Балкан да поминат низ потребни, но честопати болни реформи. Не можеме да бидеме несвесни за оваа реалност и да бараме изговори за да не се оди напред со процесот на интеграција во ЕУ.

Бидејќи ЕУ одлучува дали да започне разговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија, важно е да се напомене дека и двете држави ги исполниле критериумите што ЕУ ги постави за нив, со воведување комплексни домашни реформи. Покрај тоа, Северна Македонија го склучи историскиот Преспански договор со Грција, решавајќи го долготрајниот спор околу името на земјата.

Во знак на признавање на овој импресивен напредок, Европската комисија во мај 2019 година даде безусловна препорака за започнување преговори за членство во ЕУ со двете земји. Сепак, Северна Македонија и Албанија сè уште чекаат зелено светло од националните влади на ЕУ. Почетокот на разговорите за пристап е важен чекор на патот кон пристапување во ЕУ, но не треба да се меша со самото членство. Интеграцијата во ЕУ е балансиран процес базиран на заслуги, чија цел е да им помогне на земјите од Западен Балкан да се реформираат и да се подготват за членство во ЕУ, истовремено подобрувајќи го квалитетот на животот на нивните граѓани.

Преговорите се долгорочен процес што ќе и даде на ЕУ огромен простор за преглед на реформите на земјите-кандидатки, вклучително и оние во клучната област на владеењето на правото. Годините што се потребни за завршување на разговорите за пристапување, исто така, ќе и дадат на ЕУ доволно време за темелно дискутирање и воведување на промените потребни за непречено функционирање на ЕУ пред и по приемот на новите членки.

Позитивната одлука ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ признава конкретни резултати во исполнувањето на условите што ги поставува.

Северна Македонија и Албанија со нетрпение чекаат почеток на нова фаза од процесот на интеграција во ЕУ. Време е да се донесе смела одлука за иднината не само на овие две земји, туку и на целиот Западен Балкан и ЕУ. Позитивната одлука ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ признава конкретни резултати во исполнувањето на условите што ги поставува, а на регионот ќе му овозможи нов поттик за понатамошни реформи и трансформација.

Овозможувајќи им на Северна Македонија и Албанија да го преземат следниот чекор во процесот на интеграција, ЕУ ќе ја потврди својата заложба за стабилност, безбедност, демократија и просперитет на регионот. И, ќе го признае фактот дека само преку интеграција на Западен Балкан ЕУ може да биде комплетна и да ги заштити нејзините долгорочни интереси – се вели во писмото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.