Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со претседателот на Претставничкиот дом на Чешкиот парламент, Радек Вондрачек во рамки на еднодневната посета во Прага, Чешка Република по повод ратификацијата на протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО.

На средбата Премиерот Заев се заблагодари на пријателска Чешка Република, на чешкиот Парламент, Владата и граѓаните за поддршката на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес.

Би сакал да изразам задоволство и радост што сум денеска тука токму кога чешкиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за пристапување во НАТО за Македонија. Длабоко сум благодарен на чешкиот Парламент, Владата и граѓаните за оваа поддршка и очекувам нашето членство во НАТО да стане ефективно наскоро. Верувам дека одлуката за почеток на пристапните преговори во октомври оваа година ќе има позитивно влијание во целиот регион на Западен Балкан. Таквата одлука ќе даде порака дека Западен Балкан е составен дел на Европа, која што ќе го препознае генералниот напредок во реформите, инвестициите како и во решавањето на чувствителни прашања во нашата земја“, истакна Премиерот Заев и додаде дека стабилниот и просперитетен регион на Западен Балкан е во интерес на ЕУ, особено во однос на геополитиката, економијата и безбедноста.

Претседателот на Претставничкиот дом на Чешкиот парламент, Радек Вондрачек, изрази поддршка за членството на Република Македонија во НАТО и потенцираше дека ова ќе биде голем исчекор за евроатланските аспирации на државата.

Чешката Република е 22 држава-членка на НАТО којашто го ратификуваше Протоколот за пристапување во НАТО за Северна Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.