Целосен пораз претрпе владината политика на интеграција преку промена на името и отстапки од националните интереси. Повеќегодишната пропагандна кампања дека Македонија нема друга алтернатива и мора неодложно да се интегрира во евро-атланските институции, и тоа на најболниот можен начин – преку напуштање на својот суверенитет и децениските црвени линии околу националните интереси – беше брутално поразена од европските лидери во Брисел, каде наиде на ново вето – овојпат не од Грција туку од далеку поголемата Франција.

Далеку помалата утешна награда – веројатниот прием во НАТО – не може ни оддалеку да го искомпензира губењето на европската перспектива и на очекуваните инвестиции и интеграциски процеси кои им беа ветувани на Македонците како замена за нивното систематско национално понижување, особено не ако се погледне перспективата за долгорочното врзување на земјата во балканското гето.

Замислете ја мажите својата ќерка во богата фамилија, но имате приговор дека ќе и бил сменет идентитетот, односно ќе и било додадено уште едно име.  Не е тоа промена, повторно е тоа истата ќерка, вулгарно ја објасни ситуацијата Заев кога го промовираше менувањето на името во замена за европските пари.

Понудата на Заев беше отфрлена од македонските гласачи на изборите во 2016 година и на референдумот во 2018 година, и покрај лажните ветувања за бесплатно школство, лекување низ ЕУ, здрави вакцини (?), пари за инфраструктурата, чист воздух и враќање на младите од странство. Но, таа беше широкоградо прифатена од европските водачи, кои масовно долетаа во Скопје да го поддржат Заев пред референдумот. Со фамозниот блиндиран мерцедес се возеа Ангела Меркел, Могерини, Себастијан Курц, Џејмс Метис, Тереза Меј и низа други политичари, кои индиректно застанаа зад неговите шарени ветувања.

Од посетата на германската канцеларка на 8 септември 2018 година за поддршка на Преспанскиот договор

Еден политичар кој не дојде, и кој одвај испрати порака на недела дена пред гласањето, беше францускиот претседател Емануел Макрон, кој внимаваше да користи што е можно пошироки и непрецизни фрази кога ја опишуваше ветената награда доколку Македонците гласаат за промена на своето име и идентитет.

Уште тогаш ставот на Франција требаше да го запали црвеното светло, дека наметнатото менување на името, иако е понижување без преседан во европската историја, нема да доведе до лесен прием во ЕУ. Но, место сериозен ангажман, Владата на Заев именуваше комично несериозни личности на позициите во кои треба да се комуницира со Франција. Заев самиот во Собранието се испофали дека еден од десетиците скапо платени советници – Љупчо Зафировски – имал „врски во дипломатскиот дел на кабинетот на Макрон“. Уште тогаш поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски го советуваше Заев дека место непознати ликови „со врски“, би требало да ангажира искусен дипломат како Илинка Митрева, за да издејствува пробив во Франција.

Место тоа, Заев го заокружи тимот со ангажманот на скандалозниот Александар Ружин, синот на екс амбасадорот Нано Ружин, аматер нумеролог познат по јавното нудење места во администрацијата на пријателки од социјалните мрежи, како „советник за економска, социјална и културна соработка со земјите на Бенелукс и Франција“.  Младиот Ружин денес беше непотресен од веста од Брисел, уверувајќи ја јавноста дека не е страшно ако земјата почека уште неколку месеци.

Другата мерка која што можеше да придонесе Македонија сепак да извлече некаков резултат од промената на името беше одвојувањето од Албанија. Низ досегашните балкански интеграции во ЕУ, нема случај земја доброволно да сакала да биде врзана со друга, помалку напредна држава. Но, во случајот на Македонија, таа држава е Албанија, а Владата на Заев е директно зависна од поддршката на Еди Рама преточена преку Тиранската платформа, а особено од албанските гласачи. Летово, кога се очекуваше ветениот јунски датум , претседателот Пендаровски направи обид јавно да го промовира раздвојувањето на Македонија од Албанија, чекор кој беше нормален и разбирлив за било која друга балканска држава во слична положба. За таа изјава Пендаровски беше јавно опоменат како од Рама така и од Заев, кој не можеше да го прифати принципот на раздвојување на Македонија од Албанија, и ден денес реагира со општи фрази кога ќе го прашаат дали го поддржува тој предлог.

– Претседателот Пендаровски подразбира фаворизирање на раздвојувањето од Албанија во преговорите? Изненадувачки е овој пристап, особено кога го зема во обѕир клучниот придонес на Албанија и Албанците за демократските случувања и за европскиот пат на пријателската држава. Тоа, фактички не изгледа ниту праведно, ниту практично, гласеше бруталниот потсетник од Рама упатен до Пендаровски. За неколу дена, претседателот го смени ставот и изрази силна поддршка за приемот на Албанија во ЕУ.

Неделава во Брисел повеќе држави застанаа зад предлогот Македонија да се раздвои од Албанија – пред се тоа го стори Холандија, која се спротиставува на приемот на Албанија, но не сака „на душа“ да ја носи и Македонија. Сличен бил ставот и на Данска и Шпанија, кои исто така имаат критики за Албанија, поради високата стапка на криминал и нефункционирањето на политичкиот дијалог со опозицијата. И покрај политичката репресија и корупциските скандали Рекет, Македонија се уште се смета за понапредна од Албанија во бриселските кулоари. Но, очигледно нашата дипломатија од политички причини не смеела да направи чекор во таа насока. Ако се додаде на тоа инсистирањето на Германија и Италија двете земји да се разгледуваат во група, јасно е дека македонските шанси, и без тоа мали ако се има предвид противењето на Франција, стануваат никакви во група со Албанија.

Од изјавите на Заев произлегува дека тој не само што ќе направи обид за раздвојување од Албанија, туку напротив, ќе притисне двојно посилно во насока на интегрирање во балканското гето. Неговите изјави со најавениот неуспех во Брисел одат во насоката на тоа дека „никој не може да не спречи да продолжиме по патот по кој цврсто напредуваме“ додека стратегиската определба се насочува кон „Малиот Шенген“ на балкански држави. Еден од поддржувачите на Заев, Гералд Кнаус, се обиде на овој балкански регионален проект да му даде што е можно попозитивно име и излезе со – Балканска Норвешка.  Но, во реалноста, албанските коментатори отворено најавуваат дека причината поради која Албанија не добива отворање на преговорите, Косово е се уште без визна либерализација, а Босна не напредува никаде, се резервите во Брисел кон приемот на земји со Албанци и муслимани, а како одговор на губењето на европската перспектива албанските лидери најавуваат национално обединување.

Македонија влегува во ваквите процеси со прегазени национални интереси и институции, без црвени линии, со отворени прашања околу националниот идентитет, историскиот континуитет, со безбедносни служби во фаза на „реорганизирање“, неспособна да заземе став кон било кој од соседите, и очигледно без доволно силни поддржувачи во меѓународната заедница. Авантурата во која земјата ја втурна Зоран Заев почна со поделби, тензии, ширење омраза, закани и апсења, но до скоро имаше барем некаква перспектива, дека води кон нешто. Од денес го нема ни тоа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.