Новиот концепт на основно образование, кој ќе вклучи спојување на повеќе предмети во еден, како што се историја и географија, или биологија и хемија, е со цел децата да учат помалку факти, а повеќе да размислуваат и да поврзуваат, објаснува министерката за образование и наука Мила Царовска.

Според нејзиното објаснување, нема укинување на предмети, туку интегрирање на повеќе предмети во еден.

Овој концепт е во фаза на дискусија, се базира на истражувања и анализи, а ќе има и јавна презентација. Тој, според надлежните, дава можност и за воннаставни содржини и изборни предмети.

Ваквиот интегриран пристап на наставни предмети во еден како главни носечки и правото на воннаставни содржи и изборни предмети е секаде во светот во развиените земји поставен како таков. На тој начин ги учи учениците да не помнат само факти, туку ги учи да учат и критички да размислуваат за одредена тема која се обработува во различните предмети, но се работи низ тематски пристап. Со тоа даваме и можност учениците да го постигнат и својот личен потенцијал затоа што ќе имаат право на два избори предмети во текот на годината и на тој начин тие ќе можат да го создаваат своето образование од најмала возраст, вели Царовска.

Моделот што се подготвува за македонското образование, како што рече таа, е најблизок до финскиот.

„Овој модел наликува многу на финскиот, иако е македонски со нашите специфики, со нашите капацитети и можности, но тоа е концептот на преминување од фактичко кон размислување или училиште кое нè учи да учиме за најзначајното. Тоа се новите генерации кои треба да учат помалку факти, но многу повеќе да размислуваат, да анализираат различна литература и да донесуваат одлуки врз основа на анализите кои самостојно ги направиле“, рече министерката.

 

Министерката посочува дека методологиите и анализите покажале дека критичните точки во нашиот образовен систем се многуте предмети што децата ги учат само фактографски. Затоа промените ќе овозможат тие да ги поврзуваат работите, за што Царовска посочува и пример.

„За да можете да направите поврзување на тема култура, треба да ги поврзете сите општествени науки ако сакате да ја пренесете соодветно и еден ученик да осознае што е култура и како таа се развивала низ вековите, низ државите до денес и што денешната значи во споредба со културата од минатото. Второ, ако учите за озон, не го учите само од еден аспект, го учите низ сите природни науки за да може да го разберете и почитувате како таков, но исто така и да понатаму сакате и добиете желба да го истражувате во дополнителните предмети кои ви ги нуди училиштето“, објаснува таа.

Најавата дека ќе се укине, односно ќе се интегрира историја во општествени науки и ќе се изучува заедно со географија и граѓанско општество наиде на остра реакција од научната фела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.