Образованието е систем којшто се подготвува подолг период и реформите не се прават од денес за утре. Сега дојде времето за оваа промена со којашто фокусот на образованието ќе биде ставен на учениците, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, во вечерашното гостување во емисијата Клик плус на ТВ 21.

Министерката истакна дека новите наставни програми ќе ги пишуваат професори од високо образовни установи. Наставната програма во минатото предвидувала повеќе фактографско учење, со оваа концепција училиштето и учењето треба да стане интересно.

„Ние сме навикнати до денес учебникот да е основно, но и единствено средство за учење. Наставникот не смее да дозволи ученикот да учи само од учебникот, треба да се вметне истражување на интернет, од енциклопедиите, од други материјали. Во најголем дел од земјите учебникот постои за потсетување за фактите, но учењето е од повеќе извори и материјали. Ваквиот модел се нуди сега кај нас, вели Царовска.

На прашањето дали наставниците имаат капацитет да се прилагодат на реформата, министерката истакна дека мнозинството наставници се добри наставници, но за жал нивниот капацитет бил потиснуван и уништуван со години со тоа што морало да се држат во рамката.

Очекувам дел од наставниците ќе се прилагодат и веднаш ќе влезат во суштинска имплементација на реформата, дел од нив ќе им треба поддршка од БРО, на дел од училишните ментори. Јас сум сигурна дека ќе успееме затоа што фокусот ни се учениците, рече Царовска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.