Ниту се размислувало ниту се размислува за укинување на групата на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет, тоа е пострашно политизирање дури и од укинувањето на предметот историја, рече денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа по денешниот состанок со претставниците на Управниот одбор на ЗЕЛС во одговор на прашање за реакција на професорката Јасна Котеска во врска со македонскиот јазик, посочи оти не сака да ја коментира професорката и потенцира дека реформа во образовниот процес не е никако поврзана со ниту едно надворешно политичко прашање што го има државата.

Реформите ни се потребни за дома. Реформите ни се потребни да создадеме граѓани кои ќе знаат да се справуваат со сите предизвици и кои ќе можат да фатат чекор со светот, рече Царовска.

Таа апелира граѓаните да ги следат формалните канали на Министерството за образование и нејзините социјални мрежи, каде што, како што појасни, секогаш известувале вистинито и навремено.

Апелирам до сите да ги следат формалните канали на Министерството, но и моите социјални мрежи, каде секогаш известуваме вистиниот и навремено. Тоа го правиме во овој момент. Вчера имавме јасен демант дека такво нешто ниту се планирало ниту се планира и ги молам и медиумите и граѓаните да не подлегнуваат под вакви провокации и невистини, појасни Царовска.

Повикувајќи се на свои сознанија, денеска Пресинг.мк објави дека пишувањето на проф. Котеска не е без основа, а министерката Царовска ќе треба добро да го провери своето тврдење дека се работи за „чиста лага“.

Повеќе:

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.