Училиштата ќе добијат посебни упатства за оценување на учениците кои наставата ќе ја следат онлајн, односно преку интернет, најави на денешната прес-конференција министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Учебната година почнува вообичаено на 1 септември, но по исклучок може, како што е сега, наставната програма да почне на 1 октомври. Се работи на скратени програми. Законот гарантира дека скратената програма нема да биде под 100 часа. Овој пат Бирото за развој на образованието ги крати програмите за само бројот на денови што би требало да го надминат 10 јуни, за да можеме да ја завршиме школската година на 10 јуни, а притоа септември ни е празен. Ќе имаме 159 денови кои ќе треба да се адаптираат во програмата, наместо 180. Бирото ги работи и денес треба да бидат доставени до мене. Секако се поедноставува програмата затоа што часот е 30 минути и сите овие програми со упатство за употреба ќе треба да бидат доставени до училиштата во петок“, рече Царовска по средбата со директори на основни и средни училишта во земјава.

Како што кажа таа, иако наставата ќе се одвива преку интернет, оценувањето на учениците ќе биде со нивно физичко присуство во училиштата.

Се подготвува посебно упатство за оценување. Што ни е исклучително важно затоа што онлајн наставата треба да го даде максимумот што може со онлајн настава. Но, минатата година оценувањето не беше уредено. Сега велиме – оценувањето ќе треба да се спроведува со физичко присуство и тоа ќе треба да се организира во групи, секако, ако епидемиолошките услови во општината го дозволуваат тоа, рече Царовска.

Министерката вчера ги повика сите директори на училишта кои смеатаат дека имаат услови да почнат со настава со физичко присуство на учениците, да достават барање до 10 септември.

Во периодот потоа неколку надлежни инспекторати ќе треба да ги проверат условите и да одобрат организирање настава.

Ги повикувам општините да ги известат родителите и наставниците да ги разгледаат понудите и протоклите и комбинираната настава. Владата формираше комисија која ќе проценува како ќе се одвива наставата- вели Царовска. Наставата со физичко присуство само до 20 деца, со час од 30 мин. Во средно наставата 35 минути. Одморот ќе трае 15 минути, а одмор меѓу часови ќе има од 5 мин – рече министерката.

Таа појасни дека и средните стручни училишта ќе може да организираат настава со физичко присуство на учениците кои имаат предвидено пракса во училиште или во комапании.

До 15 септември нема да се знае колку и кои точно ученици ќе тргнат во училиште, затоа што ќе треба да се добијат најпрво барањата од директорите, па да поминат инспекциите и комисиите, па потоа да добијат дозвола за организирање настава со физичко присуство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.