Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование од областа на уметностите: основно, средно и високо, денес учествуваа на онлајн дебата којашто е дел од јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование.

На состанокот беа кажани предлозите и коментарите на професорите од уметностите во врска со предложените реформи, но и беше констатирано дека реформите се неопходни.

Министерката Царовска истакна дека реформите требало да се случат уште пред десетина година и дека не се брза со новиот концепт, туку напротив веќе доцниме.

„За прв пат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и дека ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата”, рече Царовска.

Министерката посочи дека со предложената концепција се дава слобода на наставниците од уметностите во држењето на наставата и внесување на овие предмети и во првите два развојни периоди што не е случај сега.

„Исто така, започнуваме со вложување и опремување на училиштата во кабинети и други простории кадешто учениците ќе може низ практична настава да се запознаат со предметите и да се стекнат со знаења”, рече Царовска.

Министерката истакна дека секаде во свет рамката за Нацрт-концепцијата ја изработуваат педагози и психолози што е првата фаза, а потоа во пишувањето на наставните програми што се втората фаза се вклучени професори и наставници од посебните области коишто се вклучени во наставата.

Министерството за образование и наука ги продолжува дебатите и консултациите за нацрт-концепцијата која е објавена на веб – страницата на МОН со цел најшироката јавност да биде вклучена во креирањето на новиот концепт за основно образование, врз основа на демократското начело. Секој може да достави свои забелешки, коментари и предлози до 20 овој месец.

„Целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците затоа го спроведуваме максимално транспарентно, вклучувајќи ги националните институции, граѓанските организации, социјалните партнери како и експертите за образование и професионалци од праксата. Никој не е изоставен од овој широк консултативен процес, бидејќи целта ни е да обезбедиме целосна транспарентност на носењето на концепцијата и вклученост на сите страни“, соопшти МОН.

Од таму велат дека самата нацрт концепција е направена врз основа на анализи, меѓународни и домашни истражување и експертски мислења и ставови од наставници кои посочуваат дека се потребни реформи во основното образование.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.