Нема да се намали бројот на часови, ниту пак предметните наставници ќе останат без работа. Она што се добива со интегрирањето на предметите е продлабочување на знаењата на учениците, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во дебатната емисија на ТВ Клан.

Намалување на бројот на часови нема или е многу ситно. Во делот на природни науки, поединечните дисциплини билогија, хемија, физика од шесто до деветто одделение се застапени со 16 часа, а во новиот наставен план се застапени со 18 часа. Додека општествените науки, како историја, географија и граѓанско, зошто географија ја имаме и во природни и во општествени науки, сега се застапени со 18 часа, а во новата концепција со 17 часа, заради тоа што физичка географија се префрлува во природни науки. Тоа укажува дека еднаков е бројот на часови. Интеграцијата на предмети не значи намалување на часови, значи намалување на предмети, но обемот останува ист, рече Царовска.

Министерката објасни дека со интеграцијата, кога се учи биологија, хемија и физика на тема загадување на животната средина, темата се учи низ сите три дисциплини и на тој начин учениците добиваат претстава какво е загадувањето, од каде потекнува, но при тоа учат и за  решението за да немаме загадување.

Стравот е поголем од аргументите, нагласи Царовска и рече дека ги поттикнува наставници да ја прочитаат концепцијата, да го видат наставниот план и ќе увидат дека ниедна дисциплина не се укинува туку напротив, сега се продлабочува, се дава можност да се учи повеќе и поквалитетно, затоа што со интеграцијата по теми ученикот добива слика за темата и ги поврзува фактите во целина.

Секој од наставниците ќе си има свој модул, тие остануваат на работа, и по биологија и хемија и физика, и предаваат засебно, но при тоа имаат теми коишто ги поврзуваат, преку кои заеднички ќе може да го проценат нивото на знаења коишто ученикот ги стекнал и што може да ги употреби во иднина, за надминување на одредени предизвици, посочи министерката Царовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.