Уште еден од директорите на министерот за здравство, Венко Филипче, не ги почитувал препораките за изолација и ги ставил во опасност од зараза своите колеги, како и голем број вработени во комплексот клиники, објави порталот „Лидер“.

Според „Лидер“, станува збор за директорот на Очната клиника, Kристијан Дума, чија сопруга е една од пациентите позитивни на Ковид-19, а биле во контакт со сега веќе поранешната директорка на Клиниката за дерматологија, Нина Цаца Билјановска.

Сопругата на директорот била 14 дена во изолација (од 10 март), но нејзиниот сопруг до пред неколку дена постојано одел на работа, сведочат за „Лидер“ неколку лекари.

Поради тоа, информацијата дека сопругата на Кристијан Дума е позитивна на корона вирусот предизвикува паника меѓу вработените на очната клиника кои се во страв дека можеби имаат Ковид-19 што им го пренел директорот.

Лекарите велат дека овој случај може да биде и пострашен од тој со директорката на Кожната клиника, со оглед на тоа што Очната клиника нема заштитни средства.

Да биде проблемот поголем, Христијан Дума е еден од лекарите именувани во Комисијата на Клиничкиот центар, предводена од министерот Венко Филипче, што треба изготви план за постапување со болните од Ковид-19.

Затоа е уште поскандалозно што човек назначен во тело за постапување при епидемија на корона вирусот е токму тој што не постапувал и не ги почитувал препораките на епидемиолозите за останување во самоизолација.

Ваквите постапки го повлекуваат прашањето за евентуална оставка на директорот на Очната клиника, но и можната потреба за затворање на зградата на Интерни клиники затоа што голема е опасноста вирусот да е веќе раширен меѓу луѓето што секој ден одат таму на работа.

Дума демантираше:

Во целост ја демантирам веста на порталот “Лидер” и останатите портали во кои се тврди дека “не сум ги почитувал препораките за изолација и сум ги ставил во опасност од зараза своите колеги, како и голем број вработени во комплексот клиники”.

Понатаму додава:

Евидентирам со е-маил во прилог на овој демант дека на 10 март, само 1 ден откако на мојата сопруга и беше одредена самоизлоација, писмено се обратив до ДСЗИ за да добијам насоки за мое понатамошно делување како здравствен работник и Директор на Универзитетската клиника за очни болести, со посебна напомена дека мојата сопруга веднаш се самоизолира во посебен стан на друга адреса. Насоката која ја добив од ДСЗИ ви ја пренесувам во целост:

„Според она што сте го презеле, постапено е правилно, односно сопругата е во самоизолација во друг стан. За Вас нема посебни препораки, како контакт од втора линија, се додека нема промена на Вашата здравствена состојба“
Како што може да се види во мојата официјална е меил комуникација, јас немам препорака за изолација. И покрај ова, но и покрај тоа што во тој момент мојата сопруга имаше негативен тест на Ковид – 19 , јас 10 дена не одев на работа за што може да посведочат сите мои колеги на очната клиника.

Најодговорно тврдам дека мојата сопруга е во самоизолација на сосема друга адреса и точно 19 дена немаме никаков контакт, со што целосно ги почитуваме препораките од здравствените власти.
Барам,Лидер и другите портали кои ја пренеле веста итно да ја повлечат и да се извинат за нарушување на мојата чест и углед. Јас како директор во здравствена установа, кој доследно ги спроведува барањата и препораките на моите колеги, сум вознемирен од ваквите клевети.

извор: Лидер

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.