Да не се отвори седницата за пратенички прашања, туку 36-тата на чиј деневн ред се мерките од петиот економски антикризен пакет, предложи претседaтелот на Собранието, Талат Џафери. Ваквиот предлог Џафери го стави на гласање и доби поддршка од 53 пратеници. Притоа, никој во салата не гласаше против, ниту воздржано. По куса расправија, 36. седница почна.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во ова препозна обид за, како што рече, замолчување на опозицијата и одржување криминална седница.

-Дали сте свесни дека денеска правите преседан што го нема направено ниту еден претседател на Собранието до денес? Мислев дека сте многу посериозен од она што се обидувате да го направите – да свикате криминална седница и да ги спречите пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да поставуваат пратенички прашања. Граѓаните сакаат да слушнат одговори од власта. Нема да дозволиме сите овие спинови и кршења на Деловникот да ги правите. Ветувавте дека имате стабилно мнозинство, а јас реков дека нема да ви правиме кворум на седниците посебно не за штетните закони. Продолжувате да се однесувате како да имате 100 пратеници, а не 62. Имавте можност пакетот мерки да го донесете на 3 март кога си самоизгласавте самодоверба. Затоа, да не ја обвинувате опозицијата, ваша е одговорноста, истакна Мицевски.

Тој побара од Џафери и да го цитира членот од Деловникот врз основа на кој одлучил да ја прекине седницата.

На тоа Џафери рече дека тој не одлучил, туку дека постапува врз основа на прописите, но и барањата кои опозицијата ги изнесувала преку фејсбук и на прес-конференции, посебно изминатите неколку дена.

-Јас сум практичар што спроведува пропис, а тоа дали ми се допаѓа прописот или не, е друга работа. Деловникот дава надлежност да ги свика седниците и да предлага дневен ред, а конечната одлука за озгледот на дневниот ред е одлука на пленумот. Ако пленумот одлучи, тоа  е моја обврска да ја спроведам. За да останам доследен на она што го зборувам, предлагам денеска да не почнеме со пратенички прашања во рок од еден час, да ја свикам веднаш 36. Седница до донесување на дневен ред да работиме на неа. Кој ќе биде составот на дневниот ред ќе биде ваша одлука, тука да се прекине за да се отвори пат да се остварат пораките што ми се праќаат по ФБ дека би биле подготвени сите да се донесат законите од економската сфера за пакетот мерки. Конечниот мој предлог е наместо пратенички прашања, да ја отворам 36. седница, истакна Џафери.

Поддршка за почнување на 36-тата пред седницата за пратенички прашања даде координаторот на СДСМ, Јован Митревски и повика и на разум.

-Одговорноста е на сите пратеници. Ако треба ќе се повлечеме и од поставување пратенички прашања.  Како Собрание сме должни час поскоро да им излеземе во пресрет на граѓаните и компаниите поради пандемијата. Седницата да им се помогне на граѓаните и фирмите, не е криминална седница. Жал ми е што опозицијата три дена покажува наводна загриженост, за денеска да каже дека за нив пратениките прашања се поважни од тоа што е помош за граѓаните. Оваа наводна грижа на опозицијата ќе се потрвдеше ако не ја напуштевме седницата кога се носеше Буџетот за 2021, истакна Митревски.

Мицевски потоа побара еден час пауза, а пратениците од опозицијата ја напуштија салата.

Претходно, претседателот на Собрание Џафери информира дека за денеска нема да свика друга седница, бидејќи како што рече на брифингот, веќе е закажана седницата за пратенички прашања, која се одржува секој последен четврток во месецот.

Најавената средба со премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Ахмети се уште не е одржана, а како што кажа Џафери, за нејзината содржина јавноста ќе биде дополнително информирана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.