Вработените во администрацијата во градската болница „8-ми Септември“ се незадоволни што иако се дел од најголемиот ковид-центар, сепак не добиле награда што се дел од ковид-борбата.

Нивното незадоволство прераснало во штрајк, кој се одржал пред канцеларијата на директорот д-р Христијан Костов. Дел од медиумите пишуваат дека меѓу штрајкувачите бил и болничкиот персонал, кој бил незадоволен од непродолжувањето на договорите за работа, како и дека му забележувалe што не обезбедува никакви услови за работа, а вработените се принудени од дома да носат дезифициенти, завои, ракавици и други средства за лична заштита.

Во изјава за „Република“, директорот д-р Костов вели дека не станува збор за штрајк, туку дека се состанал со незадоволните административци, кои се бунеле што и за нив немало предвидена награда. Тие велат дека со самото работење во болницата, која е главен ковид-центар, и тие имале контакт со болеста и заслужуваат еднократна помош како сите здравствени работници и соработници вклучени во работата со ковид-19 пациенти.

Поднесено е барање до Министерството за здравство, од каде се чека дали ќе се одобри награда и за овие стотина вработени во администрацијата, како и колкава би била таа награда, вели д-р Костов, кој ги отфрли останатите пишувања во медиумите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.