Апелацискиот суд ја вратил на повторно судење во Основниот суд тужбата од претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат Зоран Дабиќ.

Во соопштението до јавноста МДС обвинува дека МНР и министерот Бујар Османи вршат притисок врз Апелацискиот суд за предметите во кои десетина дипломати приватно да го тужат МНР за деградирање и мобинг.

Министерството за надворешни работи последните неколку години брутално деградираше триесетина дипломати, вклучително и дел со највисок, амбасадорски ранг, на најниски можни позиции. Дипломатите се распоредени на пониски позиции без никакво објаснување, незаконски, под закрила на нова систематизација.

Како тоа изгледа во пракса? Замислете судија по 30 години стаж да биде вратен на работа во писарница. Или генерал во поручник. Или професор во асистент. Такво самоволие, шиканирање и мобинг МНР претходно немаше видено. Патот до правдата во нашите судови е долга. Во наведениот случај 4 години, до сега. Десетина дипломати се решија приватно да го тужат МНР еден по еден ги добиваат споровите. Но, трошењето државни пари за судски трошоци, а во заштита на неговиот каприц, не го обесхрабри министерот Бујар Османи, кој даде наредба сите судски одлуки да се обжалат до апелација. Еден по еден, сите колеги ги добиваат случаите и на Апелациониот суд. Не е ни чудо, бидејќи сите случаи се идентични како јајце на јајце и сите со очигледна злоупотреба на позицијата на моќ и овластување од страна на министер, велат од МДС.

Во соопштението стои дека единствено тужбата на претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат, амбасадорот Зоран Дабиќ, како исклучок, Апелациониот суд ја врати на повторно судење во Основен суд како „нејасна“.

Синдикатот смета дека Дабиќ е трн во окото на раководството на МНР каконајактивен борец за подобрување на професионализмот во дипломатијата и за почитување на работничките права

Очигледно, тој многу му пречи на раководството на МНР кое со сите сили се обидува да го замолкне. Се поведуваа монтирани дисциплински постапки, го изолираа, му одземаа работни обврски, се обидуваа да го заплашат.

На крај, кога ништо од тоа не им успеа, „проработеа“ телефоните на релација МНР – Апелационен суд, па тужбата на „бунтовниот“ амбасадор се врати на почеток. Нека се плетка по судските ходници уште барем четири години. А до тогаш ќе дојде и нов министер.

Каде е во оваа приказната судството? Четири години се води едноставна постапка каде што повеќе од очигледна е злоупотребата на овластувањата на министерот и пресметувањето со неистомислениците од редот на највисоките дипломати.

Наместо да биде последна и најсилна инстанца на заштита на вработените, Апелациониот суд се согласи да биде маша на поединци на врвот на извршната власт.

Мизерно и бедно, како од министерот така и од судиите кои „му излегле во пресрет“. Затоа, не три, туку наскоро ниту еден процент доверба нема да остане во судството, велат од Македонскиот дипломатски синдикат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.