Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју за ТВ21 вели дека не постои никаков Анекс со 12 точки, за кој зборуваше бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.

Не постои никаков Анекс со 12 точки за кои зборува Каракачанов – вели Османи во интервјуто.

За ваков анекс јавно зборуваше Каракачанов, кој соопшти дека ако го потпише, Македонија има шанси да добие датум за преговори во јануари или февруари.

Од МНР во соопштение објавија дека во комуникацијата помеѓу македонската и бугарската страна има континуирана размена на мислења и на идеи, а последниот споделен предлог е Акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство.

Двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 страна, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор и/или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија – соопштија од МНР.

За Анексот кој го спомена Каракачанов, а за кој Османи тврди дека не постои, изминативе денови постојано власта добива прозивки од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи наведе дека располага со информации дека анексот е со исклучително лоши позиции за Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.