Софија демонстрира застарени сфаќање и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Македонија.

Ова е ставот на 30 бугарски историчари, научници, универзитетски професори кои застанаа против меморандумот што Бугарија го испрати до земјите членки на Европската Унија за македонските евроинтеграции.

Тие, во писмото со наслов „Европа не не’ разбира“ објавено на „Медиапул.бг“ пишуваат:

Не веруваме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, фундаментално се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту пак сметаме дека може да се сведе на формулата во меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг“. Се спротивставуваме и на претставувањето на македонската нација како плод на „југословенска пропаганда – стои во писмото.

Научниците коментираат и дека за „сите стандардизирани јазици се во извесна смисла вештачки“ и пишуваат дека Европа не би можела да ги разбере тезите на некои влијателни бугарски научници.

Иако го прифаќаме концептот на „заедничка историја“, ние се спротивставуваме на неговите елементарни толкувања, како и на неговата употреба за наметнување единствен наратив – во овој случај, официјалната приказна за минатото во Бугарија. Сметаме дека тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедливо – пишуваат професорите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.