Екипа од бугарското Државно јавно обвинителство денеска треба да пристигне во Скопје за подигање на изработените ДНК-профили од роднини на настраданите во автобуската несреќа, што потоа ќе се искористат за идентификување на починатите.

Ова вчера го најави бугарскиот заменик-главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов, посочувајќи дека по направената анализа и споредување ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера потврди дека македонските власти земале биолошки материјал од роднините на загинатите во Македонија за да се направат ДНК тестови и да се идентификуваат телата.

Јовески во интервју за ТВ Сител синоќа наведе дека првенствена цел на посетата на бугарските истражители и на еден јавен обвинител е да се подигнат материјалите од Судска медицина кои се земени од роднините на загинатите и извршените ДНК анализи, кои потоа ќе се компарираат со обдукцијата на загинатите лица во Бугарија и нивната ДНК анализа.

Целосно е завршено земањето на материјал и извршени се ДНК анализите. Јас имам уверување од директорот на Судска медицина дека утре најдоцна до 12 часот овие материјали ќе бидат комплетно обезбедени за да може да им се предадат на истражителите од Бугарија. Верувам дека тоа ќе биде брзо. И бугарската и македонската страна работи на тоа што побрзо да бидат пренесени остатоците во земјата и да бидат предадени на нивните блиски. Утврдувањето на идентитетот на загинатите во незгодата нема да трае долго. Очекувам во следните неколку денови тој процес да заврши. Јас имам информација дека обдукциите во Бугарија се завршени, извршени се ДНК анализи на загинатите. Таму ќе треба само тие податоци да се споредат, верувам дека тој процес нема да одземе повеќе од неколку денови – истакна Јовески.

Портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева вчера информира дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела, додавајќи дека еден од преживеаните патници и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум, а не седум лица.

Ние пронајдовме 44 тела, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 тела. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот – истакна Милева.

Директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков во изјава за МИА потврди дека на местото на автобуската несреќа во Бугарија се пронајдени 44 тела и остатоци од тела, коишто ќе се поврзат со ДНК анализата.

Додека не заврши ДНК анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица. Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела коишто ќе се поврзат со ДНК анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица настрадале –  изјави Станков за МИА.

Станков потврди дека кога ќе бидат готови извештаите од македонските лекари од судска медицина, кои овие денови беа во Софија, тие ќе бидат предадени на бугарските власти.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција синоќа информира дека врска со бројот на патниците, издало усна наредба до СВР Скопје за обезбедување на листите на патници кои со автобуси на „Беса транс“ ја напуштиле Република Македонија на 18 ноември 2021 година и листите на патници кои влегле во државава на 22 ноември 2021 година, информираа од Јавното обвинителство.

Обезбедувањето на листите од граничните премини е со цел да се направи споредба на патниците, бидејќи според изјавата на обвинителот Сарафов недостасува еден патник од запалениот автобус. Истата постапка ја спроведува и бугарското Обвинителство кое ги споредува листите од граничните премини за влез на патници од Република Македонија во Република Бугарија на 18.11.2021 година и листите за влез од Република Турција во Република Бугарија на 22.11.2021 година и излез од Република Бугарија кон нашата земја наредниот ден – се наведува во соопштението Обвинителството.

Бугарскиот заменик-главен обвинител Сарафов вчера соопшти дека аутопсиите покажуваат оти сите загинати во автобуската несреќа починале од задушување, а не од ударот.

Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да ја дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка како причина за несреќата – изјави Сарафов, додавајќи дека како можни причини за несреќата се разгледани, но категорично отфрлени и верзиите за терористички акт и за „туби со нафта“.

Сарафов посочи дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење. Не била отфрлена ниту верзијата за лошо обележување на патот, сигнализацијата и дали заштитната во која удрил автобусот придонеле за несреќата.

Тој нагласи дека во медиумите гледа доста шпекулации и псевдоексперти, но дека иако по емисиите може да се видат 15 или 20 очевидци, всушност нема ниту еден очевидец на настанот.

Според Сарафов, има пат на кочење, што значи дека возачот реагирал пред да удри во заштитната ограда, но не е јасно зошто скршнал в десно и удрил во оградата.

Било темно, и се претпоставува дека возачот се збунил со знакот за чешма. При ударот во оградата автобусот скинал девет столпчиња кои при увидот биле најдени под предниот дел на возилото, каде е сместен резервоарот за гориво. Од ударот предната врата излетала, а таму избувнал пожар, додека средната врата преку која патниците се обиделе да избегаат била блокирана од заштитната ограда. Техничкото вештачење на автобусот ќе го вршат најдобрите стручњаци, а со противпожарното вештачење ќе се утврдуваат причините за пожарот. Уште едно сеопфатно вештачење ќе даде одговор на прашањето зошто автобусот ја напуштил траекторијата на патот и како дошол до смртоносниот исход – објасни Сарафов.

Јавниот обвинител Јовески, исто така, оцени дека „тезата за тубите“ е шпекулација. – Бугарските обвинители работат на истрагата, изјави Јовески, објаснувајќи дека при увидот на опожарениот автобус на автопатот „Струма“, видел пластични туби кои не изгореле.

Тој во интервју за Сител синоќа изјави дека тубите биле кај моторот, во празен простор над акумулаторот.

Тој дел од автобусот е најмалку оштетен, делот кај моторот воопшто не е зафатен со пожарот. Засега не е познато дали причината за несреќата е човечка грешка или дефект на автобусот. Автобусот бил речиси нов, само три години, а во октомври поминал на технички преглед – нагласи Јовески.

Во болницата „Пирогов“ во Софија се хоспитализирани седуммина повредени патници од автобуската несреќа, кои се во стабилна општа состојба и нема опасност по нивните животи.

Во средата беа оперирани двајца пациенти, а вчера уште еден. Повредените кои биле на интензивна нега од вчера се пренесени на одделението на Клиниката за изгореници и пластична хирургија.

Со оглед на шокот од несреќата и тешките психички трауми, хоспитализираните добија и специјализирана психолошка поддршка од болницата. Се уште нема јасна прогноза кога може да се отпуштат, информираа од софиската болница „Пирогов“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.