Јавноста денеска бурно реагираше што бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје беше пречекан со инструменталната верзија од македонската химна, од која пак беше отсвирена само една строфа.

Од Влада побрзаа да го оправдаат овој потег, тврдејќи дека „секогаш и без исклучок се интонираат инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали.“

Сепак, од Академија за протокол велат дека ова не е секогаш случај. Додаваат и дека македонската химна секогаш е далеку пократка од онаа на гостинот, иако светската протоколарна практика вели дека интонирањето на химните не треба да е временски драстично различно, односно една химна упадливо подолга од другата. Денеска, македонската химна ечеше 52 секунди, додека бугарската минута и 25 секунди.

Ги споделувам одредбите кои се однесуваат на интонирањето на химната од Правилото за Воен протокол како и Законот за употреба на државните симболи.
Правило за воен протокол (2012 год.)

 

Дел 3.1.1. Оддавање на воени почести на шефови на странски држави:

 

При доаѓање на странската делегација претседателот го пречекува гостинот кај возилото, воениот оркестар интонира марш. Командирот на почесната единица командува „почесен поздрав на де-СНО”. Гостинот и домаќинот се качуваат на бината и ги заземаат своите места. Воениот оркестар ја интонира химната на земјата гостин, а потоа на земјата домаќин.

 

Закон за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија (1997)

 

Член 27

 

Химната на Република Македонија се изведува со: свирење, пеење или и со свирење и со пеење.

 

Химната секогаш треба да се свири со достоинство.

 

Химната не се користи како дел од друг вид музика.

 

Химната на Република Македонија може да се свири на почетокот, средината или крајот од манифестацијата на која се изведува, во зависност од тоа на кој начин на химната ќе и се даде најголемо достоинство.

 

Член 28

 

Ако химната на Република Македонија треба да се изведе во Република Македонија заедно со химната на странска држава или свечена песна на меѓународна или друга странска организација, прво се изведува химната на странската држава или свечената песна на меѓународната или друга странска организација, а потоа химната на Република Македонија.

 

Член 29

 

При изведувањето на химната на Република Македонија сите присутни стојат во став мирно од свирењето, односно пеењето на првиот тон па сè до последниот тон на химната, свртени со лице кон изведувачите на химната.

 

Како што гледате, во овие два документи нема одредба околу должината на мелодијата на химната што се интонира. (што не значи дека можеби тоа не е определено во некои други интерни документи)

 

Исто така, при прегледување на јутјуб снимки, како што се сугерира во демантот од Владата, точно е дека во последните години започнала да се интонира скратена верзија, само „првата строфа“ од химната, наводно „според светски практики“. Но, светска протоколарна практика вели дека интонирањето на химните не треба да е временски драстично различно, односно една химна упадливо подолга од другата. Гледајќи ги снимките, интонирањето на нашата химна е секогаш далеку пократко од странската. На пример, при посетата на Столтенберг, химната на НАТО беше 79 секунди, а нашата химна 43 сек, итн…има повеќе вакви примери.

 

Понатаму, при прегледување на други снимки на јутјуб, (а прегледав навистина бааѓи) забележав дека има варијации, односно некогаш се интонира „долга варијанта“ а некогаш „кратка“. Не би можела да кажам зошто се тие разлики. 

 

За крај, многу добро е познато дека при инструментална верзија на химната, нема стихови, но нашиот народ многу добро знае која е содржината на химната и кои се строфите, па секое нејзино скратено интонирање со право предизвикува реакции. На крајот на краиштата ова е свечена песна која треба емотивно да го „подигне“ народот, и ако истиот народ вака интонираната химна ја доживува химната нецелосна и некомплетна, тогаш можеби треба да се размисли нешто да се промени, реагираат од Академија за протокол.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.