Скопје се обидува да направи преседан во меѓународното право доколку ја принуди Европската комисија да ја прифати формулацијата за „македонскиот јазик“ во актуелната спогодба за статусот и контрола на бегалците со службата за безбедност на границите на Европската унија (ФРОНТЕКС), дознава софиски „Труд“ од добро информирани извори.

Заради официјалната промена на името на државата во Република Северна Македонија се налага чисто технички повторно да се потпише веќе постоечката спогодба, при што македонските власти сакаат да вметнат клаузула дека текстот е потпишан на сите јазици на ЕУ и на „македонски јазик“.

Прашањето дека тоа е апсолутно неприфатливо за Бугарија било покренато од високопоставен функционер во генералната дирекција за Миграции и внатрешни работи на Европската комисија, бугарскиот заменик-министер за внатрешни работи Милко Бернер. Тоа се случило на министерската конференција на тема Миграционите предизвици за Источносредоземноморската/Западнобалканската маршрута на 3 мај во Виена.

Според информациите од средбата до кои дошол „Труд“, претставникот на ЕК изјавил дека го разбира обидот на Скопје да направи правен преседан, инсистирајќи при потпишувањето на спогодбата да се вметне и јазична клаузула, што ќе го формулира „македонскиот јазик“. Првичен предлог на ЕК бил текстот да го содржи изразот „потпишано од јазиците на соодветните страни“. Од Скопје, меѓутоа, се спротивставиле дека тоа не е стандардна формулација за овој тип клаузули во спогодбите на ЕУ, што вообичаено се потпишуваат „на сите јазици на ЕУ“ и на конкретниот јазик на другата страна.

Претставникот на ЕК изјавил дека владата во Скопје била изложена на огромен притисок на опозицијата околу ова прашање и не е подготвена да отстапи. Од Брисел сакале да знаат дали Софија ќе го прифати повикувањето на македонскиот јазик согласно Договорот од Преспа меѓу Скопје и Атина за името на државата во кој тој е определен како „словенски јазик, различен од грчкиот“ или со евентуално појаснување со фуснота за формулацијата од веќе постоечките договори меѓу Бугарија и Македонија.

Од потпишувањето на Преспанскиот договор (фото: Влада на РМ)

Бугарската страна инсистирала на тоа дека сите решенија за постигнување компромис во Софија ќе бидат разгледани на највисоко ниво и подвлекла дека Парламентот во Скопје во овој мандат го ратификувал Договорот меѓу Софија и Скопје во кој прашањето е решено со изразот дека тој е потпишан на „уставните јазици на двете држави“.

Од ЕК изразиле разбирање за чувствителноста на прашањето за Бугарија, што го става Брисел под притисок од двете страни, но договорот за статусот на бегалците е од исклучително значење за ЕУ и не може да биде одложуван. Од ЕК им предложиле на Софија и на Скопје да побараат регулирање на ова прашање на двострано ниво на министри за надворешни работи.

Како заклучок од информацијата на средбата бугарската страна го забележува општиот впечаток дека ЕК не сака да ги прифати аргументите на Бугарија и обидот да се убеди дека Софија се обидува да го попречи процесот заради прашање, што веќе е решено со Преспанскиот договор.

Извор: Пресинг

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.