Категорична поддршка на членството на Македонија и на Албанија во ЕУ искажале шефовите на дипломатиите на Бугарија Екатерина Захариева, на Грција Никос Дендијас, на Романија Рамона Манеску и на Хрватска Гордан Грлиќ – Радман на средбата одржана во Њујорк во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации.

Како што соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, првите дипломатии на овие четири балкански земји членки на ЕУ на средбата направиле преглед на европската интеграција на соседните држави кандидати за членство во Унијата.

Убедени сме дека ќе бидеме посигурни, попросперитетни и побогати, само ако сите наши соседи станат членки на ЕУ, рекла на состанокот шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

Таа посочила дека како што Грција своевремено им помагала на Бугарија, Романија и Хрватска во процесот на евроинтеграција, сега е време тие заедно да ги поддржат и другите држави во регионот да станат дел од ЕУ.

Бугарија потпиша Договор за пријателство со Република Македонија и тој треба да се спроведе. Албанија, пак, треба да го подобри законодавството и да го усогласи со европското. Бугарија го поддржува започнувањето на преговори за членство и со двете држави, истакнала Захариева.

Грчкиот министер за надворешни работи Дендијас нагласил дека Грција излегува од десетгодишната криза за време на која беше ориентирана кон себе, но сега повторно ќе се ангажира на надворешен план на Балканот и со европските теми.

Ги поддржуваме Албанија и Македонија за членство во ЕУ, изјавил Дендиас.

Шефот на романската дипломатија Манеску се заложила Бугарија, Грција, Романија и Хрватска да продолжат да ги координираат активностите околу политиката на проширување на ЕУ.

Треба да ги поддржиме нашите соседи и да го продолжиме ангажманот со кој Бугарија го водеше тој процес за време на своето претседавање со ЕУ. Раздвојувањето на Албанија и Македонија ќе биде голема грешка и сметам дека е дојдено време двете земји да добијат позитивен сигнал, рекла Манеску.

И хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ – Радман го поддржал започнувањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана, а се заложил и за натамошен развој на добрососедските односи во регионот.

На прашањето за иднината на Балканот, имам позитивен одговор: Балканот се движи во добра насока, а тоа е насоката што води кон ЕУ и НАТО. Балканот е составен дел на Европа и го менува имиџот на буре барут, на место каде се генерираат политички кризи, рече, меѓу другото претседателот на Владата Зоран Заев на дебатата на тема „Иднината на евро-атлантските интеграции: Каде оди Западен Балкан“ во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ во Њујорк како дел од настаните на маргините на годинашното 74-то Генерално Собрание на ОН.

Јас тврдам дека балканските земји напредуваат и работат напорно за да бидат дел од семејството на ЕУ и да ги прифатат и негуваат европските демократски вредности како дел од сопствената политичка култура и демократска традиција, потенцираше премиерот Заев на дебатата, на која учествуваа повеќемина актуелни и поранешни политички лидери од регионот како министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, поранешните претседатели на Бугарија Росен Плевнелиев и Петар Стојанов, поранешните премиерка и претседател на Хрватска Јадранка Косор и Иво Јосиповиќ и поранешниот претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија, како и други познавачи на регионот.

Како аргументи за неговиот став за напредокот на Западен Балкан во евро-атлантските интеграциски процеси премиерот Заев ги издвои добрите соседски односи и регионалната соработка како заеднички приоритет и стратешка цел на сите земји од регионот, како неопходност за да се остварат амбициите на сите одделно за интеграција во ЕУ и НАТО.

Одлучивме дека е време да се обединиме околу фактот дека историјата е важен дел од нашите идентитети, но никогаш не може да го заземе местото на нашата иднина. Тоа беше движечка сила за Владата на Македонија да ги реши билатералните спорови со Бугарија во 2017 година и со Грција во 2018 година, без оглед на критиката од опозицијата, истакна премиерот Заев на дебатата на темата „Иднината на евро-атлантските интеграции: Каде оди Западен Балкан“.

Премиерот Заев нагласи дека Македонија нема отворени проблеми со соседите, и дека тоа ја прави земјата единствена во регионот од таа перспектива.

Заев ги запозна присутните и со Договорот од Преспа, за кој е оценето дека е најдобриот пример за успех на дипломатијата и дијалогот кој стави крај на долготрајниот спор со Грција.

Премиерот Заев за време на дебатата рече дека перспективите на ЕУ и на НАТО се главни стимулации за Владата и народот на земјата, и дека тоа ја направи Владата целосно да се посвети на агендата за реформи и за остварување на стандардите за старт на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Испорачавме конкретни резултати во сите области, како што се бараше во заклучокот на Европскиот Совет од јуни 2018 година и сега очекуваме позитивна одлука за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ во октомври 2019 година. Секое одлагање на една ваква одлука ќе има многу негативни ефекти, како за земјата, така и за регионот. Ако ЕУ не испорача, тогаш кредибилитетот на ЕУ и принципот на условеност ќе бидат ставени под знак прашалник, потенцираше премиерот Заев на дебатата на тема „Иднината на евро-атлантските интеграции на Западен Балкан: Каде оди Западен Балкан“ во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ во Њујорк како дел од настаните на маргините на годинашното 74-то Генерално Собрание на ОН.

Сите учесници на дебатата беа едногласни дека одлагањето на датумот за преговори за Македонија ќе испрати многу негативна порака за целиот регион и дека таквата одлука сериозно ќе ја поткопа мотивацијата за земјите од балканскиот регион да продолжат да го одржуваат и зајакнуваат трендот на одржување на стабилноста, на зајакнување на демократијата и на услови за економски раст и просперитет.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.